Промовирана втората Национална стратегија за безбедност на патиштата

Бројот на жртви во сообраќајните незгоди до 2020 година да се намали до просекот на бројот на жртви во членки на Европската унија, на жртви млади возачи за 30 проценти, на сериозно повредени за 40 проценти, а на деца-жртви во сообраќајот да се сведе на нула.

Тоа е целта на втората Национална стратегија за унапредување на безбеденост на сообраќајот на патиштата 2015/2020, чие печатено издание беше промовирано денеска.

Основен показател за споредба со земјите од ЕУ ќе биде бројот на загинати на милион жители, а намалувањето на бројот на загинати и сериозно повредени ќе се спроведува со податоците од 2009 година.  

Вицепремиерот и претседател на Координативното тело за безбедност на сообраќајот на патиштата Владимир Пешевски истакна дека исполнувањето на поставената цел во наредните пет до шест години ќе ги спаси животите на 250 до 300 сограѓани односно ќе има до 50 жртви на сообраќајот помалку на годишно ниво.

На секоја сообраќајна несреќа што резултира со загуба на живот или сериозна повреда, порача Пешевски, мора да се гледа како неуспех на целото општество, а не како грешка на поединецот како што досега традиционално се сметаше. Принципот - Безбедност на патиштата, право и одговорност на секој учесник на сообраќајот, мора да стане интегрален дел на субјектите надлежни за безбедност на патиштата на граѓаните.

- Успехот во исполнувањето на целите на новата стратегија ќе значи спасување на многу човечки животи, но и значително намалување на финансиските загуби за целото општество. Искуството јасно покажува дека финансиските средства инвестирани во соодветно избрани елементи од безбедноста во сообраќајот не се трошок, туку инвестиција и оти се поврзани со висок степен на поврат на инвестицијата. Овој аспект е уште порелевантен во период кога се потребни ефикасни безбедносни мерки, ефикасноста на трошењето финансиски средства мора да се проценува многу внимателно, рече Пешевски. 

Според министерот за внатрешни работи Митко Чавков, превентивните активности, кординирани и поддржани со зачестените контроли на сообраќајната полиција, како и силната медиумска поддршка придонеле за задржување на трендот на намалување на сообраќајните незгоди и бројот на загинати и повредени во тек на годинава. Во првата половина од годинава во сообраќајни незгоди се загинати 52 лица, а во истиот период лани 71 лице. Ако во првата половина од минатата година се евидентирани 2.687 лица повредени во сообраќајни несреќи, од почетокот на годинава заклучно со мај бројот изнесува 2.093.  - Ова говори дека сме на добар пат задржувајќи го трендот на намалување кога правиме споредба со состојбите во 2014 година во која имавме историски најмал број на загинати и повредени во сообраќајни незгоди во Македонија, рече Чавков.

Министерството за внатрешни работи во рамки на своите надлежности, најави, ќе продолжи со зголемени активности во контрола на сообраќајот на патиштата преку акциските контроли со цел зголемено присуство на сообраќајната полиција на критичните делници и места каде се случуваат сообраќајни незгоди преку преземање казнени мерки кон прекршителите, а во рамки на препораките од Стратегијата и својот акциски план. 

Во изминатиот период МВР биле фокусирани на зголемување на човечките ресурси и прием на полициски службеници со што до одредено ниво ги зголемиле капацитетите, но, потенцира Чавков, на терен неможе да се биде присутен на секоја улица и крстосница. Во таа насока во планот за наредните пет години МВР ќе работи на зајакнување на соработката со општините во реализација на превентивни активности за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Според претседателот на Републичкиот совет за безбедност на собраќајот на патиштата Стојче Стаменковски,   сообраќајните незгоди во  Македонија сè уште се сериозен социјален  проблем. - Во 2011 година бројот на жртви изнесувал 8,35 жртви на 100.000 жители, во 2012 година  6,40 жртви на 100.000 жители. До зголемувањето на бројот на загинати во сообраќајните незгоди    дојде   во 2013 година на 198, или 9 загинати на 100.000 жители. Состојбите во 2014 година изгледаат значајно подобрени  па така бројот на жртви  изнесуваше 6,1 на 100.000 жители,  но тие сè уште претставуваат  сериозен проблем, рече Стаменковски. 

Тој смета дека има потенцијал да се реализира поставената стратешка цел за намалување на жртвите во сообраќајот и е реална и бара мултисекторски пристап.

Со втората Национална стратегија се дефинирани десет приоритетни области за безбедност на сообраќајот на патиштата: деца, пешаци, велосипедисти, мотоциклисти, млади возачи и возачи почетници, возачи во постари години, алкохол и други психотропни супстанци кои предизвикуваат зависност, пречекорување на дозволена брзина на возење, агресивно возење и употреба на мобилни телефони и паметни уреди. 

Анализите на институциите и вклучените стручни лица во подготовка на Стратегијата покажуваат дека децата иако не се најизложени на ризик во сообраќајот се најранлива група поради што врвен приоритет е воопшто да нема деца жртви во сообраќајот. Бројот на загинати пешаци во 2012 во однос на 2001 година е намален за 50 проценти, а примената на втората Национална стратегија треба да ја заштити уште повеќе најбројната група учесници во сообраќајот. Апсолутниот број на велосипедисти кои загинале покажува тренд на опаѓање, но нивното учество во вкупниот број загинати е се уште прилично висок. Мотоциклистите се само 0,5 проценти од вкупниот број учесници во патниот сообраќај, но се речиси 10 проценти од вкупниот број загинати. Младите возачи и возачите почетници според анализите се предмет на зголемен ризик за учество во сообраќајна незгода. Стратегијата предвидува да се спроведат значителни промени во обуката за добивање возачка дозвола и подготовката и тестирањето на новите возачи.  Стратегијата посветува внимание и на постарите возачи и пешаци. Се укажува на потребата да се спроведува и поинтензивен надзор за спречување на последиците од учеството во сообраќајот на возачи во алкохолизирана состојба и под дејство на психотропни супстанци. Предвидена е и примена на строги мерки за неодмерено и прекумерно пречекорување на дозволената и несоодветна брзина кои се меѓу најголемите убијци на патиштата. Се укажува  и на потребата од превентивни мерки против агресивното однесување на патиштата, како и справување со предизвиците кои опасносите од користење мобилни телефони.

По повод објавувањето на стратегијата РСБСП додели плакети на вицепремиерот Владимир Пешевски и на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.