Откриена нова мермерна статуа на локалитетот „Стибера“

На античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп е пронајдена нова, мермерна статуа во природна големина која датира од 2 век од нашата ера. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска денеска го посети локалитетот каде е пронајдена новата мермерна статуа, која се смета за ексклузивен наод.

Според директорката на „Завод и Музеј“ Прилеп, Гордана Данилоска-Спироска станува збор за мермерна статуа во природна големина, без глава, изработена со високостилизирани елементи.

- Античкиот локалитет „Стибера“ е најголемото наоѓалиште на антички мермерни статуи. Секое ископување, наоѓаме по нешто. И при ова ископување ја откривме мермерната статуа без глава, во природна големина. Префинетата изработка на статуата во наметка со свиток во едната рака потврдува дека е посветена на некој значаен граѓанин на „Стибера“ и е од 2 век од нашата ера. Сега следува процесот на конзервација и чистење на статуата и најверојатно ќе биде изложена во археолошката поставка на прилепскиот музеј, изјави Данилоска -Спироска.

Археологот и виш кустос Душко Темелкоски објасни дека годинава се истражува на дел од градбите на овој локалитет и се претпоставува дека станува збор за собранието на градот „Стибера“. - Пронајдена е и камена плоча на која пишува дека Собранието на Стибера му дава почест на заслужен граѓанин на Стибера. Градбата е монумернтална, широка 17 метри. Се уште нема друга потврда за Собранието, но статуата е репрезентативно откритие, вели Темелкоски.

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милеска која го посети локалитетот „Стибера“ смета дека пронаоѓањето на овој ексклузивен наод е потврда за неговата големина и значајност, а ова е ексклузивен наод.

- Ова е ексклузивен наод, статуата навистина е префинето изработена. Стибера е еден од најголемите архелошки локалитети. Битно е да се расчистат имотно-правните односи со околните жители кои имаат ниви и своја земја на која се простира локалитетот. Договорено е со пет сопственици на ниви да се расчисти имотно-правното прашање. Идниот петок тие ќе имаат средба со прилепскиот градоначалник за договор да се изврши екпропријација или да им се дадат во замена други ниви за да може истражувањата на локалитетот Стибера да продолжат. Тоа ќе доведе до ексклузивно претставување на локалитетот пред туристите, изјави Канческа-Милеска.

Античкиот град Стибера бил голем, а датира од 2-от до 4-от век пред нашата ера. Досега на локалитетот се пронајдени повеќе мермерни статуи.