Резиме на министерот Тодоров по мониторингот во болницата во Битола

Целосно реновинирани и реконструирани болнички амбуланти, дигитализација на рендген снимките и дислокација на гинеколошката амбуланта се дел од бенефитите што ги доби битолската болница по пет дневниот мониторинг на министерот за здравство Никола Тодоров.

Клиничката болница во Битола доби и амбулантско возило донација од турската влада со вредност од 50.000 евра.  

Министерот Тодоров денеска на прес-конференција најави дека за кратко време ќе се отвори и оддел за вршење инсеминација, кој ќе чини 1.500 денари за осигурениците, со што, според него, ќе се овозможи квалитетна и поефтина услуга за граѓаните на Битола и целиот регион.

Направена е реорганизација на работењето на анестезиолозите, со ќе биде намалено времето за чекање за хируршки интервенции, а болницата доби и медицинска опрема донација од Шведска, во која меѓу другото има и 13 Гамбро машини за дијализа.

- Во текот на изминатата работна недела воспоставени се нови правила, насоки и процедури за сите главни операции, насоки за проверки и нивно следење, особено во процесот на менаџирање, изготвен е план за зголемување на видот и обемот на здравствени услуги преку рационално и ефикасно користење на операционите сали, како и план за зголемување на приходите и намалување на  дел од трошоците, информира Тодоров.

Тој посочи дека во организацискиот аспект биле констатирани одредени слабости во менаџирањето, односно оти немало унифицирани правила, насоки и процедури за главните операции, намален бил видот и обемот на здравствени услуги, листи на чекање до јуни...

- Во делот на менаџирање  на одделот за хирургија, намалени се листите за чекање - максимум од два до три месеци, со воведувањето нов  оперативен програм за елективните интервенции. Претходно закажаните операции беа до јуни, а сега истите ќе се извршат најдоцна до февруари, рече ресорниот министер.

Онаму каде што имало долги листи на чекање, Тодоров истакна дека ја задолжиле Клиничка болница-Битола во наредните три месеци да доставува неделен оперативен план за планирани хируршки интервенции, како и извештај за реализација на планот се додека листата на чекање за оперативен зафат целосно не биде намалена.

За подобрување на состојбата со хигиена биле изготвени протоколи за чистење и одржување на хигиената во болницата, направени биле планови за дневно, неделно и месечно чистење на болницата и за управување со медицинскиот и немедицинскиот отпад.

- Сакам да потенцирам дека нашето заминување од болницата, не значи и крај на активностите за подобрување на условите во клиничката болница во Битола. Веќе најавив дека по завршувањето на нашиот работен престој таму, оваа јавна здравствена установа ќе биде ставена во т.н „близок мониторинг“, со цел натамошно следење на извршувањето на нашите препораки и во следниот период, кои ќе приоднесат за натамошно унапредување на условите во болницата, посочи Тодоров.

Министерот за здравство нагласи дека по направениот мониторинг од експертски тим од сите области во болниците во Штип и во Битола  ќе следуваат санкции доколку не функционираат како што треба.