Груевски се сретна со претставници на Европскиот совет

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 22.04.2015 година) оствари средба со  претставниците од работната група на Европскиот совет задолжени за проширување на Европската Унија.

Соговорниците разговараа за реформската агенда на Владата во насока на реализација на реформите и мерките кои се насочени кон исполнување на критериумите зацртани од интегративниот процес на Република Македонија во Европската Унија.

Премиерот Груевски ги информираше членовите на работната група за тоа дека членството во Европската Унија преставува стратешка определба на државата и интензивно се работи во реализацијата на понатамошни реформи кои ќе го унапредат процесот.

Премиерот Груевски посочи дека се превземаат мерки во повеќе општествени области чија крајна цел е исполнување на зацртаните критериуми, подобрување на квалитетот на работата на институциите и овозможување на напредок на животот и стандардот на граѓаните.

На средбата стана збор и за предизвиците поврзани со состојбата со политичкиот дијалог при што беше истакната важноста од институционално дејствување и нивно надминување.

Соговорниците разговараа и за надворешно политичките аспекти во процесот на европски интеграции, при што премиерот Груевски ја истакна нашата посветеност и заложби за понатамошно унапредување на добрососедските односи и регионална соработка.