Премиерот Груевски се сретна со заменик помошникот државен секретар на САД Ји

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денес, (четврток, 16.04.2015 година) оствари средба со г-дин Хојт Ји, заменик помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања.

Двете страни ги поздравија одличните односи кои постојат помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави и изразија посветеност кон нивно понатамошно продлабочување на секое ниво од взаемен интерес.

Соговорниците разговараа за реформите кои ги спроведува нашата земја во насока на реализација на стратешката цел за европска и евроатланска интеграција. Премиерот Груевски ја истакна посветеноста и волјата за продолжување на реформскиот процес во сите области каде што тоа е потребно и е од интерес на граѓаните на Република Македонија.

Двајцата соговорници се согласија дека актуелната ситуација во земјата штети на имиџот на државата и изразија уверување дека истите предизвици треба да бидат надминати во што побрз период низ институциите на системот.

Соговорниците ја истакнаа и значајноста од институционалниот дијалог и потребата и приоритетот од активна партиципација во Собранието на сите политички партии.  

Двете страни ја истакнаа и значајноста на понатамошно продолжување со економските реформи со цел обезбедување на странски инвестиции и нови работни места, при што премиерот Груевски се заблагодари за реализацијата на инвестициите кои доаѓаат од Соединетите Американски Држави.