Премиерот Груевски се сретна со делегација на ОБСЕ

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денес (петок, 17.04.2015 година) оствари средба со делегација на постојаните претставници на земји во Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

На средбата беше дадена позитивна оценка за соработката помеѓу Република Македонија и ОБСЕ. Премиерот Груевски го поздрави и придонесот на ОБСЕ во реализацијата на реформите кои се спроведуваат во нашата земја.

Претседателот на Владата истакна дека реформскиот процес и европската и евроатланската интеграција на земјата е темелна заложба на Владата на Република Македонија. Тој истакна дека Владата ќе продолжи со посветена работа за унапредување на стандардите во секоја општествена сфера и унапредување на можностите за сите граѓани.

На средбата стана збор и за актуелната политичка состојба во земјата, при што соговорниците истакнаа дека е потребно одговорно однесување, ангажман на сите политички чинители и активно учество на сите партии во работата на Собранието на Република Македонија.

Беше истакнато и дека е потребно што побрзо надминување на предизвиците низ институциите на системот и обезбедување на перспектива за понатамошен напредок во интегративните процеси.

Соговорниците потенцираа дека соработката помеѓу Република Македонија и ОБСЕ ќе продолжи во сите сфери од взаемен интерес и од интерес за граѓаните на земјата.