Децентрализација и регионален развој

Владата на Република Македонија ќе се залага за унапредување на развојот на сите региони во земјата. Рамномерниот регионален развој треба да помогне во создавањето на еднакви можности во разните региони во Македонија со цел истите да можат да се интегрираат во економијата, подобрувајќи ја на тој начин нивната инфраструктура. Во наредниот четиригодишен период главни стратешки цели и приоритети на Владата на овој план се:

1. Конкурентни плански региони - динамични и одржливи во развојот по примерот на европските региони/општини.

2. Демографска, економска, социјална и просторна усогласеност помеѓу и внатре во рамките на планските региони.

3.Балансиран економски раст меѓу регионите, кој ќе се оствари со помош на соодветен фискален систем и инвестиции во областа на инфраструктурата, училишта, болници и др.

За обезбедување на рамномерниот регионален развој, континуирано ќе се јакне улогата на Советот за рамномерен регионален развој. Во рамките на Советот ќе се координира искористувањето на средствата од сите секторски програми наменети за регионите/општините.

Во 2011-2015 година ќе се реализираат следните проекти со цел обезбедување на рамномерен регионален развој:

  • Проект „Деловни инкубатори“, со кој во рамките на центрите за регионален развој ќе се поттикне развој и работа на бизнис инкубатори (2013);
  • Проект „Локална регулаторна гилотина“, со кој ќе се поедностават административните процедури од страна на општините за услуги кои се во нивна надлежност (2012);
  • Проект „База на податоци“, која ќе ги опфаќа: сите плански документи за развој кои се донесени на национално и регионално ниво, сите лица задолжени за планирање на развојот во институциите на национално и регионално ниво (2012-2015);
  • Проект „Прашај ги надлежните“, кој предвидува емитување дебатни контакт емисии за прашањата од областа на локалната самоуправа (2012);
  • Проект „ Географски Информационен Систем (ГИС) “, со кој ќе се обезбедат сите просторни и други урбанистички податоци на едно место, во дигитална форма (2011-2015);
  • Проект „Чистење на електричен и електронски отпад“ (2013);
  • Проект „Замена на живини со енергетски ефикасни светилки во уличното осветлување“,со кој ќе се потикне замена на светилките во мрежите на јавното осветление со нови кои се многу поштедливи (2014);
  • Проект „Саеми на трудот“, со кој во планските региони, два пати годишно во соработка со Агенцијата за вработување ќе го обединуваме интересот на работодавците и на лицата кои бараат работа (2013).

2011-Владата на Република Македонија во 2015 година ќе се залага за заокружување на процесот на децентрализација, преку:

  • подобрување на условите во социјалната заштита, локалниот економски развој, културата, здравството, спортот и домувањето
  • префрлање на надлежност на локалната самоуправа во доменот на социјалното домување и изградба и одржување на социјални станбени објекти.

Во наредниот период плански и етапно ќе се спроведува префрлањето на преостанатите установи кои се од локално значење од централно на локално ниво.

Исто така, ќе се определат формите преку кои општините ќе можат да го користат неградежното земјиште кое е под шуми и пасишта за економски цели и ќе се создадат законски можности за основање на општински здравствени установи за руралните подрачјата за кои пристапот до услугите од примарната здравствена заштита е отежнат.

Во 2011-2015 година ќе се реализираат следните проекти со цел обезбедување на децентрализација на власта:

  • Проект: „Општините управуваат со неизграденото државно земјиште‘‘ – по исполнувањето на одредени услови, неизграденото градежно земјиште ќе им се даде на располагање на општините во функција на локалниот економски развој (2011);
  • Проект: „Поволни заеми за општините‘‘, со кој ќе се обезбедат атрактивни и поволни кредити за општини преку реализација на Втор проект за подобрување на општинските услуги (2014);
  • Проект: „Општински обврзници‘‘, со кој општините ќе обезбедат финансиски средства за капитални проекти (2011-континуирано);

Фискалната децентрализација е принцип кој произлегува од Охридскиот мировен договор, и ќе продолжи и во следниот четиригодишен период. Во функција на поддршка на рамномерен регионален развој, ќе стимулираме систем на финансирање на локалната самоуправа кој ќе овозможи буџетска автономност на единиците на локална самоуправа во областите на нивните надлежности, ќе обезбеди трансфер до единиците на локалната самоуправа на дел од централно прибираните даноци кои кореспондираат на функциите на единиците на локална самоуправа и ќе мотивира одговорност во прибирањето на приходи од даноци на нивната територија во рамките на нивните законски надлежности. Зголемувањето на капацитетот на локалните власти ќе се поддржува и преку:

  • Континуирано зајакнување на приходните капацитети на општините, преку поефикасна наплата на даночните приходи, како и со воведување на нови приходни инструменти;
  • Имплементација на Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижен имот, донесена во март 2011 година од Владата на Република Македонија, што ќе резултира со подобрена наплата на даноците на имот;
  • Поддршка на останатите 6 општини за подигнување на административниот и фискален капацитет и пристап до блок дотациите кои не се во втората фаза од процесот на фискалната децентрализација;
  • Проект „Социјалните служби во поддршка на социјалниот развој и кохезијата“, кој ќе поддржи подготовка на повеќе модели за распределба на дотацијата од ДДВ со повисок степен на воедначување;
  • Проект „Поддршка на процесот на фискална децентрализација преку зајакнување на капацитетите за стабилно финансиско управување и внатрешна финансиска контрола на локално и централно ниво“ во кој се вклучени 40 општини;

Промена на распределбата на надоместокот кој се наплаќа од издадени концесии за користење на водните ресурси за производство на електрична енергија во сооднос 50% за централниот буџет, 50 % за локалните самоуправи.

Симнете ја програмата во PDF