Попоски: Признанието кое Македонија го добива за инволвираноста во мисијата во Авганистан, треба да се круниса со членство

Клучните заклучоци кои ги изнесовме како и признанието кое Република Македонија константно го добива за нашата инволвираност во мисијата во Авганистан, треба да се круниса со членство, изјави денеска во Брисел, министерот за надворешни работи Никола Попоски по вчерашната финална декларација на Советот на министри на ЕУ.

Во контекст на престојниот самит на НАТО во Чикаго, Попоски смета дека  „имаме дополнителни аргументи, освен конкретни ангажмани на терен, политичките пораки кои ги праќаме, но и правната сигурност која сакаме да ја воспоставиме“.

Министерот Попоски денеска учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на државите контрибутори во мисијата ИСАФ во Авганистан.

Во фокусот на состанокот освен изразеното жалење за жртвите од атентатите во Кабул, беа идните чекори и стратегии до 2014 година. Дотогаш е во план да биде изразена безбедносната компонента.

- Учеството на Македонската армија е видливо на терен, за што имаме добиено и многу признанија, а учествува и во обуката на авганистанската армија и полиција, информираше Попоски.