Култура

Владата на Република Македонија ќе продолжи да ја негува и развива македонската култура и во периодот 2011-2015 година. Ќе се унапреди регулативата за подобро уредување на условите за вршење на издавачката дејност во Република Македонија, начинот на привлекување и поттикнување на странски вложувања во Република Македонија во областа на филмската дејност, националната кинематографија, условите за работа на установите за музичка и сценско-уметничка дејност, грижата и управувањето со културното наследство, прогласување на старите градски јадра на Крушево, Битола и Кратово за културно наследство и др.

Проекти во областа на културата:

  • Изградба на „Стар театар, со цел добивање на современ театарски простор во кој ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско- уметничките дејности со високи технички перформанси (јуни 2012);
  • Изградба на Концертната сала за Македонската филхармонија, со цел решавање на долгогодишниот институционалeн проблем на Македонската филхармонија која со децении работи во изнајмени простории и крајно несоодветни услови (јуни 2013);
  • Изградба на Музејскиот комплекс на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим, со што ќе се овозможи презентација на нашата богата историја (август 2011);
  • Изградба на културно-образовен центар во Тетово со нов театар и библиотека, со што ќе се зачувува непроценливото културно и книжевно богатство што го поседува овој град (2015);
  • Изградба на театaр во Велес, со што градот ќе добие современа театарска зграда и репрезентативно место кое ќе претставува двигател на развојот на театарската дејност (втора половина од 2012);
  • Изградба на Светиклиментовиот универзитет, со кој ќе се возобнови Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, преку кој на Охрид ќе му се даде нова духовна и туристичка димензија (2014);
  • Изградба на нов театар на местото на МНТ, при што по пат на јавно-приватно партнерство ќе се изгради објект во кој покрај останатите содржини, ќе биде сместен и театарот (2015);
  • Изградба на нов театар на местото на Драмски Театар по пат на јавно- приватно партнерство (2015);
  • Изградба на Турски театар, со кој по првпат турската заедница во нашата земја ќе добие свој театар (2015);
  • Реконструкција на Албанскиот театар, проект со кој ќе се добие простор реконструиран и опремен според сите светски стандарди (2015);
  • Започнување со активности за изградба на Плоштадот Скендербег во Скопје, во соработка со локалната власт (2011-2014)
  • Изградба на Спомен-куќа на родителите на Мустафа Кемал Ататурк во Коџаџик Општина Жупа (2012);
  • Изградба на Порта Македонија, со цел одбележувањето на најзначајниот јубилеј на нашата држава - 20 години од независноста, на 8 септември, во чест на најголемиот триумф на македонскиот народ во борбата за слобода и независност (2011);
  • Изградба на 20 унифицирани репрезентативни монтажни објекти за културна и туристичка понуда на Македонија, со цел продажба на културно-туристички промотивен материјал сувенири, скулптури, антиквитети и други репрезентативни примероци;
  • Проект: „Обнова на Хавзи - пашините конаци во село Бардовци‘‘, со кој ќе се ревитализира споменикот на културата Хавзи - пашини конаци во с. Бардовци и покрај музејската вредност, ќе има намена за заштита, чување и презентација на филмското културно наследство на Република Македонија (2015);
  • Реконструкција на Универзалната сала или изградба на нов објект по пат на јавно-приватно партнерство (2014);
  • Изградба на археолошки музеј – вселување во новите простории покрај кејот на Вардар (јуни 2012);
  • Проект: „Дигитализација на аудиовизуелното културно наследство‘‘, со кој ќе се овозможи и поттикне широка достапност и презентација на културното наследство на Република Македонија (2012-2014)
  • Реконструкција и адаптација на галерискиот простор во Музејот на современата уметност (2014)
  • Реставрација на куќата на Мехмет Паша Дерала во Тетово (2014)
  • Реконструкција на НУ Музеј на Македонија (2014)
  • Реконструкција на објектот на Центарот за култура во Тетово, Гостивар и Струга (2013-2015)
  • Музеј на прогонетите од егејскиот дел на Македонија (2014);
  • Завршување на Домот за култура во Матејче (2013)
  • Адаптација на просторот во Театарот во Куманово (2013-2014)
  • Формирање на библиотека за слепи, во рамки на НУБ „Св. Климент Охридски (2011);
  • Почнување на процедура за номинирање на Шарената џамија во Тетово и Музејот на Албанската Азбука за институции под заштита на Унеско (2012)
  • Поддршка за детскиот театар во Старата Скопска чаршија (2013)
  • Иницијатива за прогласување на куќата на семејството Киријази во Битола за заштитен културен објект (2012)
  • Програмска поддршка на фестивали: ’Денови на Наим Фрашери’ и ’Денови на албанскиот театар’
  • „Превод на 130 тома македонска книжевност на англиски јазик“ (2011);
  • Едиција “Ѕвезди на светската книжевност”, проект кој ќе ги содржи најдобрите дела од светската книжевност преведени на македонски јазик (2011-2014)
  • Печатење на публикации за културното и природно наследство наменети за туристичка промоција на Република Македонија (2013-2015);
  • Продолжување на проектот Превод на добитници на Нобелова награда за литература;
  • Реконструкција на музеи, стари театри, спомен-куќи, галерии, кино-сали, библиотеки и други објекти низ целата територија на Република Македонија (континуирано)
  • Обнова и конзервација на повеќе фасади во Скопје, Битола, Крушево, Кратово и други значајни градски јадра (2012-2015);
  • Формирање на нова институција “Театар за Комедија‘‘ која ќе се специјализира за комедија, кабаре, „stand up“ комедија во објектите на постојните театри (2011);
  • Формирање на нова организациска единица за модерен танц во Македонската опера и балет (2012);
  • Зголемување на буџетот за национална филмска дејност (2012-2015);
  • Изградба или адаптација на филмско студио и набавка на филмска опрема за формирање на филмски центар со сопствена филмска техничка база (2013)

Со цел заштита на културното наследство на Република Македонија во периодот 2011- 2015 година ќе се спроведат повеќе проекти поврзани со археолошки истражувања, конзервација, реставрација, реконструкција и презентација на повеќе локалитети и средновековни цркви, манастири и џамии, како и други објекти со културно-историско значење. Истовремено, ќе се реализираат бројни активности за археолошки истражувања, заштита, конзервација и реставрација на културното и историско наследство и богатство на Република Македонија.

Покрај овие активности, во периодот 2011-2015 предвидено е:

- Организација на трета верска конференција за меѓурелигиски и мегуцивилизациски дијалог - мај 2013 година, Охрид, Република Македонија;

- Доделување титула „национален уметник“ од Претседателот на државата на уметници кои дале врвен придонес за културата и уметноста во Македонија (континуирано);

- Доделување на пензии на истакнати уметниците и други стручни работници кои ги исполниле пропишаните критериуми (континуирано).

Симнете ја програмата во PDF