Премиерот Груевски се сретна со албанската министерка за одбрана Кодели

Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски, денес (четврток, 22 јануари 2015 година) оствари средба со г-ѓа Мими Кодели, министер за одбрана на Република Албанија.

Соговорниците разговараа за повеќе теми и проекти од областа на одбраната, унапредување на взаемната соработка и размена на искуства кои ќе придонесат за дополнително интензивирање на односите помеѓу Република Македонија и Република Албанија.

Премиерот Груевски истакна дека Владата реализира реформи за унапредување и следење на стандардите. Тој ја потенцираше нашата стратешка определба за членство во НАТО алијансата посочувајќи дека Република Македонија зема активно учество во мировните мисии на НАТО и претставува активен партнер во исполнување на функциите и целите на Алијансата. Премиерот ја истакна важноста од искористување на потенцијалите меѓу двете држави во насока на зголемена соработка како во полето на одбраната, и во другите сфери од заеднички интерес.

Министерката за одбрана Кодели истакна дека Република Албанија активно го поддржува членството на Република Македонија во НАТО, посочувајќи дека државата ги исполнува стандардите за членство и партиципација. Таа посочи дека Република Албанија е подготвена за поддршка и реализација на проекти од регионално значење и дека тоа ќе придонесе за развојот на интегративните процеси на државите и за напредок на целиот регион.

Соговорниците  изразија подготвеност и волја за одржување на заедничка владина седница помеѓу двете земји што ќе влијае на унапредување на односите и можност за соработка и размена на мислења на различни проекти од взаемен интерес меѓу двете земји.