Презентирани инвестициските можности што ги нуди Македонија пред бизнисмени во Брисел

Исклучителната макроекономска стабилност што Македонија ја постигна во изминатиот период и бизнис ориентацијата на Владата која ги разбира потребите на бизнисмените, беа во фокусот на денешната презентација на можностите за инвестирање во земјава пред стопанствениците во Брисел.

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски која попладнево учествуваше на македонско-белгискиот бизнис форум, оствари средби со претставници на неколку компании од автомобилската и информатичката индустрија, тур оператори и компании кои веќе изразиле интерес за инвестирање во Македонија.

- Она што Македонија го презентира е дека трошковната база ќе биде конкурентна за долга низа години и токму тоа е причината да ја разгледуваат сериозно земјата која станува се потрактивна од тој аспект. Преселувањето на постоечки бизнис во нова држава никогаш не е едноставно, но моментот што го нагласуваме е дека во Македонија има екипа која ги разбира бизнисите и помага во процесот, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски по одржувањето на форумот.

За разлика од други држави, додаде, македонската Влада директно ја анализира трошковната структура и покрај стандардните модели за помош го разгледува пакетот за државна помош.

- Ја прилагодуваме помошта во однос на тоа колкав степен на додадена вредност имаат компаниите што доаѓаат кај нас. Особен акцент ставаме на развивање локални  ланци на снабдување, односно што поголем број домашни набавувачи да работат со компаниите кои би ги привлекле како инеститори, рече Пешевски.

Форумот беше дел од посетата на премиерот Груевски на белгиската престолнина. Во текот на денот, премиерот се сретна и со претседателот на Европската унија Херман Ван Ромпуј.