Здравствена заштита

Здравјето e фактор кој влијае на социјалната положба на населението и е услов за економски развој на државата. Затоа, Владата на Република Македонија ќе се залага за здравствен систем кој ќе го подобри, унапреди и ќе го одржи здравјето на сите граѓани, систем кој ќе се заснова на еднаквоста и солидарноста и кој ќе ги има во вид вистинските потреби на граѓаните. Основни приоритети за наредните четири години ќе бидат: подигање на квалитетот на здравствените услуги на сите нивоа, јакнење на примарната здравствена заштита и превентивата и воспоставување стабилен систем за финансирање на здравствената заштита за сите граѓани.

Подигање на квалитетот на здравствените услуги на сите нивоа

За да се унапреди јавното здравје, во следниот четиригодишен период ќе се развиваат нови дисциплини и ќе се воведат нови неопходни третмани во јавното здравство, преку:

  • Предвидување законска обврска за практикување медицина базирана на докази, а лекарите законски ќе се обврзат да ја применуваат во секојдневната пракса. (декември 2013)
  • Ќе воведеме стандардизирани постапки и процедури кои ќе ги издигнеме на ниво на протокол за зголемување на квалитетот на работа во јавните и приватните здравствени установи, со воспоставување на стандарди и контролни механизми за следење на нивната примена (декември 2013)
  • Ќе се формира Агенција за акредитација на здравствените установи, која ќе ги подготвува стандардите во соработка со Министерството за здравство и континуирано ќе го следи и проценува квалитетот на работата во здравствените установи и примената на медицина базирана на докази (јуни 2012)
  • Ќе се зголеми безбедноста на пациентите и намали ризикот при работа во болниците преку развивање и примена на клинички патеки за пациентите со различни дијагнози. Стандардизирањето на процедурите се однесува на поставување на стандарди за опрема, кадар и простор, протоколите на целокупната постапка на лечење од медицински стручен аспект (декември 2014)
  • Основање на Кардиолошка мрежа за третман на акутен срцев инфаркт во јавното здравство, преку опремување на регионалните болници со модерна и софистицирана опрема и обука на кадарот за почетниот третман кој е најважен за спасување на животот. (јуни 2014)
  • Унапредување на методите за трансплантација на ткива и органи, со посебен акцент на трансплантација на бубрези и на црн дроб во јавното здравство. Со овозможување трансплантација на бубрези ќе се намали бројот на пациенти кои мораат да одат на дијализа и ќе се зголеми квалитетот на живот кај овие пациенти (јуни 2012)
  • Основање на КОМА центар, во кој ќе бидат комбинирани услуги и соодветен современ третман и нега за пациенти кои подолг временски период се наоѓаат во кома и на долголежечки пациенти (декември 2013)
  • Обука на здравствениот кадар од страна на искусни странски експерти преку мрежата со светски познатите универзитети преку меморандуми за соработка на сите 27 универзитетски клиники и институти (2012-2015)
  • Акредитација на лабораториските и други услуги кои ги обезбедуваат универзитетските институти (2012-2015)
  • Воведување на обврска за секоја здравствена установа јавно на web страната да ги објавува сите носители на дејности и сите лекари во здравствената установа, со определување на деновите и времето кога се на смена за да се олесни закажувањето на посетите и контролните прегледи. (декември 2011)
  • Формирање Центар за телефонско закажување на приеми и прегледи на граѓаните, во секундарното и терцијарното ниво за да се олесни пристапот кон специјалистичко – консултативните служби, болниците и клиниките во јавното здравство и да се намали времето на чекање за одредени здравствени услуги и дијагностички процедури.
  • Воведување на Систем за мерење на ефикасноста во работата на здравствените установи врз основа на здравствените услуги и финансиската рационалност при искористување на средствата. Ќе се основа Национален комитет за финансирање кој врз основа на утврдени критериуми ќе ги следи перформансите на јавните здравствени установи и на здравствениот персонал (континуирано)
  • Достапност на сите потребни лекови за пациентите во болниците според медицина базирана на докази преку укинување на болничката позитивна листи на лекови на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (април 2013)
  • Формирање на современ Национален центар за ургентна медицина, за згрижување на сите граѓани кои се наоѓаат во непосредна животна опасност и каде што ќе добијат квалитетна и навремена здравствена услуга (јуни 2014)
  • Формирање на единици за ургентна медицина за вршење на тријажа на итни болни во регионалните болници и нивно поврзување со Националниот центар за ургентна медицина со цел достапност на правовремена здравствена интервенција на цела територија на државата (2012-2015)
  • Основање на нова едукативна програма за специјализација по ургентна медицина во рамките на програмите на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (октомври 2012)

Јакнење на примарната здравствена заштита и превентивата

Владата ќе продолжи да го унапредува системот на примарно здравство преку квалитетни услуги кои ќе ги обезбедува организирана мрежа на јавни здравствени установи за итна, примарна и превентивна здравствена заштита. Притоа посебен акцент ќе се стави на реорганизацијата и зајакнувањето на Здравствените домови за да се обезбеди интегриран пристап во грижата за пациентите во соработка со матичните лекари кои во следните години ќе се трансформираат во специјалисти по семејна медицина. Во периодот 2011-2015 година ќе се посветиме на:

  • Подобрување на Итната медицинска помош, преку набавка на најмалку 50 нови возила (2012-2013)
  • Формирање на Центри за повик на итна медицинска помош на целата територија на Република Македонија (април 2013)
  • Унапредување на примарната здравствена заштита преку обезбедување на приоритетни и неопходни здравствени услуги и совети за граѓаните во нивните домови преку концептот на семеен лекар и јакнење на Итната медицинска помош. Во таа насока ќе продолжат обуките за воведувањето на специјалисти по семејна медицина (2012)
  • Унапредување со опрема и доекипирање на поливалентна (повеќефункционална) патронажна служба во рамки на Здравствените домови, нивно реорганизирање и зајакнување со зголемување на бројот и видот на услугите со фокус на населението во руралните средини (април 2013)
  • Унапредување на превентивната здравствена заштита преку соработка меѓу локалната самоуправа и центрите за јавно здравје за развивање на проекти врз основа на регионалните приоритети за подобрување на здравјето на населението (континуирано)
  • Развивање на интегрирана превентивна програма врз основа на приоритетни заболувања од интерес на сите граѓаните и нејзино спроведување од Институтот за јавно здравје во соработка со Центрите за јавно здравје (2012)
  • Продолжување на акцијата за бесплатна ХПВ вакцина за спречување на ракот на матката кај женската популација (континуирано)
  • Бесплатно болничко лекување за пензионери сместени во болниците и клиниките, доколку нивната пензија е пониска од просечната во Република Македонија (јануари 2012)

Стабилен систем за финансирање на здравствената заштита за сите граѓани

Владата ќе продолжи да работи на подобрување на финансирањето на здравствениот систем со прилив на дополнителни средства, а врз основа на добиени релевантни податоци за трошењето на средствата во здравството ќе се воспостави поефикасна распределба на ресурсите. Политиката на зголемување на Буџетот на ФЗОМ ќе продолжи преку проширување на базата за наплатување на придонесите како резултат на намалување на невработеноста, зголемување на бројот на осигуреници и строга финансиска дисциплина на расходната страна. Исто така, ќе се разгледа можноста за редефинирање на пакетите на здравствени услуги.

Истовремено, ќе продолжиме со мерките за поодговорно управување со ФЗОМ и зголемена транспарентност при преговорите со здравствените установи преку формирање на Мултилатерална комисија во која покрај ФЗОМ и Министерството за Здравство, свои претставници ќе имаат синдикатот и осигурениците, коморите и професионалните здруженија на здравствени работници. Ќе ги забрзаме и скратиме процедурите за реализација на правата на осигурениците во врска со решенијата кои ги издава ФЗОМ. За подобрување на евиденцијата ќе реализираме Проект за институционализација на национални здравствени сметки, преку информатички систем со сите информации за тоа како се трошат здравствените пари.

За спроведување на приоритетите во областа на здравството во периодот 2011-2015 година ќе се реализираат следните проекти:

  • Инвестирање во реновирање на инфраструктурата на:
    - Хируршките клиники во Скопје, Институтот за рендгенологија, Ургентниот центар, Клиниката за детски болести, Клиниката за хематологија, Клиниката за кардиологија, Клиниката за инфективни болести, Институтот за белодробни заболувања, Клиниката за психијатрија, Републичкиот завод за трансфузиологија, Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Институтот за белодробни заболувања – Козле и Специјалната болница за гинекологија и акушерство – Чаир;
    - Довршување на започнатите активности во болниците во Тетово, Струмица, Велес, Прилеп, Охрид, Куманово, Гевгелија, Гостивар, Кичево, Кочани, Специјалната болница Јасеново во Велес, Заводот за нефрологија во Струга, Психијатриската болница во Скопје „Бардовци”, Психијатриска болница Негорци.
    - Изградба на нова болница и објект за Медицински факултет во Штип.
    - Реновирање на Клиничката болница Битола, Општите болници во Кичево, Струга, Гевгелија, Психијатриската болница Демир Хисар, Здравствен дом Охрид и целосна реконструкција на Градска болница „8-ми Септември“ во Скопје (2012-2016)
  • Продолжување на активностите за подготовка на изградба на нов Клинички центар во Бардовци (дислоцирањето во нов клинички центар до 2021)
  • Инвестирање во комплетна обнова на канцелариите на лекарите преку набавка на немедицинска опрема за болниците и клиниките (2012-2014)
  • Продолжување на проектот за набавка и ставање во употреба на најсовремена медицинска опрема, со цел подобрување на квалитетот на здравствените услуги и целокупната здравствена состојба на населението (септември 2013). Инсталирање на опрема и едукација на кадар ќе се спроведе во следните установи:
    - Трите клинички болници во Тетово, Битола и Штип кои во набавката имаат апарати за: компјутеризирана томографија, магнетна резонанца 1.5Т, литотрипор, ангиограф, коскен дензитометар, кардиолошки ехо апарати, гинеколошки 4Д ехо апарати, инкубатори, и др.
    - Поставување на апарати за компјутеризирана томографија во Општите болници во Велес, Гостивар, Охрид, Куманово, Прилеп и Струмица.
    - Набавка и инсталирање на најсовремената опрема и едукација на кадри во сите општи болници, каде ќе има по еден Кардиолошки ултразвучен апарат, Гинеколошки 4Д ултразвушен апарат и Радиолошки ултразвучен апарат, заедно со апарати за анестезија, централен и поединечен мониторинг, машини за механичка вентилација (педијатриски и за возрасни), ендоскопски кабинет и хируршки инструментариум.
    - Комплетното опремување кое опфаќа повеќе дијагностички, операциони и интервентни апарати на новата Градска болница „8-ми Септември‘‘ во Скопје.
    - Набавка и инсталирање на најсовремената опрема и едукација на кадри во Универзитетската клиника за Радиологија, Универзитетската клиника за Кардиологија, Универзитетската клиника за хируршки болести “Св. Наум Охридски”, Универзитетската Клиника за детски болести, болницата за Кардиоваскуларни заболувања во Охрид, Универзитетската клиника за Радиотерапија и Онкологија, Општите болници во Охрид, Гостивар, Велес, Прилеп, Куманово, Струмица,Кочани, Кавадарци, Гевгелија, Дебар, Струга и Кичево.
    - Изградба и опремување на најсовремен ПЕТ центар (центар за позитронска емисиона томографија), со што Македонија ќе стане ПЕТ регионален центар
  • Инвестирање во реконструкција и санација на централните објекти на 34 Здравствени домови од кои најголем број се постари од 50 години (2012-2015)
  • Интегриран здравствен информатички систем и Електронска здравствена картичка, со кои ќе се заменат хартиената книшка и сините картончиња (2012-2020)
  • Јавно-приватно партнерство во центри за дијализа, центар за матични клетки, и се она што ќе го подобри квалитетот на здравствената услуга на граѓаните (континуирано)
  • Воведување на Е-проверки, Е-Фактурирање, Е-пријавување, Е-осигурување преку централизација на ИТ системот на ФЗОМ што ќе овозможи електронски пријави/одјави  на осигурениците, ќе се заштеди време и средства (2011-2013)
  • Лекови на рецепт од 1 до 31 во месецот преку постепено укинување на квотите на аптеките. Со укинување на квотите на аптеките ќе овозможиме целосна снабденост на лекови за осигурениците и функционирање на аптеките 24 часа (2012)
  • Воведување на рецепт за 6 месечна терапија кај хронично болните лица со цел намалување на административната работа на лекарите, поголемо задоволство кај осигурениците и поефикасно пропишување на лековите (декември 2011)
  • Транспарентна комисија за лекови на позитивната листа преку јасно законско пропишување на начинот како лекот може да дојде на позитивната листа со што ќе овозможи задоволување на потребите на пациентите со вистинските лекови (април 2012)
  • Ќе овозможиме директен пристап и оперативност меѓу ФЗОМ и Здруженијата на пациенти преку воведување на редовна средба еднаш месечно (септември 2011).
  • Грижа за лицата со посебни потреби преку воведување на помагала за слепите лица, како и зајакнување на соработката со телесно инвалидизираните лица, слепите лица, и глувите и наглуви лица, со цел да се излезе во пресрет на потребите на овие лица (септември 2011)
  • Воведување на Е-регистри на пациенти со специфични заболувања заради електронско следење на пациентите за снабденост со терапија од болничката листа на лекови (2011-2012)
  • Дефинирање на минимум потребни стандарди на секој вграден материјал кој е на товар на ФЗОМ и кој директно влијае на услугата која ја добива пациентот (јуни 2012)
  • Формирање на детски катчиња, во рамките на болниците (2012-2015)
  • 24 часовна мобилна контрола на ФЗОМ, согласно која осигурениците ќе имаат можност да пријават неправилност и да побараат помош од ФЗОМ, доколку во било која здравствена установа на пациентите не им пружа услуга или третман на кој што имаат право (април 2012)
  • Висина на партиципацијата при лекување во странство во максимален износ на учество на осигуреникот од 12.000 денари (април 2012-2015)
  • Продолжување на проектот ИН Витро на товар на ФЗОМ со зголемување на опфатот и на осигуреници кои веќе имаат пород од претходни заедници и за парови кои се носители на генетски заболувања (континуирано)
  • Проширување на можноста за био-медицинско помогнато оплодување за обезбедување на инвиво или потпомогнато оплодување на терет на ФЗОМ во приватните установи кои прават инвитро оплодување до 4 пати (јуни 2012)
  • Болничка мапа за лоцирање на здравствените услуги и соодветна покриеност на регионите (декември 2011)
  • Канцеларии на ФЗОМ и во помалите општини
  • Формирање на ново Тело за медицински надзор и Национален систем за известување од четирите релевантни институции во здравството: Лекарската комора, Фармацевтската комора, Министерството за здравство и ФЗОМ (декември 2011)
  • Отворање на Центар за возрасни болни со цистична фиброза (ЦФ) и едукација на медицинскиот персонал – физиотерапевти за оваа болест (јуни 2012)
  • Унапредување на методологијата за утврдување на единствените и референтните цени на лекови со што ќе се постигне понатамошно намалување на цените на лековите во аптеките (април 2012)
  • Подобро лекување и нега на лицата згрижени во психијатриските установи (септември 2013)
  • Воведување на телемедицина - медицина на далечина, online едукација и набљудување на болните, каде со помош на новите технологии ќе се овозможи пациентот да ги изврши медицинските испитувања на едно место, а резултатите да ги испрати лекар кој се наоѓа во друга здравствена установа во земјата или во странство (2012-2015)
  • Заштита на младата популација со ангажирање на педијатри во општините. Локалната самоуправа ќе ја стимулира здравствена заштита на децата преку ангажирање на педијатри, односно нивно финансирање за да специјализираат, со обврска да ги опслужуваат децата во тој регион најмалку во наредните 10 години (2013- 2015)
  • Плаќање на лекарите во болниците по учинок, со што во зависност од големината и типот на ЈЗУ, ќе се предвиди за најуспешните три до пет доктори по критериумот на учинок, да имаат зголемување на месечната плата до 100% од основната плата (декември 2011)
  • Проект: „Амбуланти во руралните средини‘‘, со кој до крајот на 2011 ќе се реализира изградбата на нови амбуланти во Село Катланово – Скопје; Локвица – Македонски Брод; Манастирец – Македонски Брод; Црн Врв – Скопје; Мало Коњаре – Прилеп; Трсино- Виница; Калуѓерица – Радовиш;
  • Ревитализирање на празните и напуштени амбуланти во руралните средини и реконструкција и санација на постојните стари објекти (2013-2014)
  • Отварање на аптеки во руралните средини, на 8 локации: Старо Нагоричане, Карбинци, Конче, Богомила, Јегуновце, Мавровски Анови, Вранешница и Другово (декември 2012)
  • Воспоставување на систем на подвижни аптеки за снабдување со неопходни лекови посебно на граѓаните од руралните средини кои се оддалечени од аптеките и посебно за стари лица, изнемоштени и хронично болни (2013)

Симнете ја програмата во PDF