Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Трст се сретна со Борис Џонсон, министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, кој ја претставуваше британската премиерка, Тереза Меј на Самитот за Западен Балкан. 

Високиот британски дипломат Џонсон изрази јасна и голема поддршка на новата Влада во Македонија, во име на Велика Британија и премиерката Меј. 

Оценката што ја соопшти министерот за надворешни работи, Џонсон е дека Македонија е конечно на вистинскиот правец и најави дека Велика Британија ќе направи сè што може да ѝ помогне на нашата држава за влез во НАТО и во ЕУ. 

Британскиот министер Џонсон соопшти дека Британија останува партнер на Балканот и активен поддржувач на демократските процеси, како и дека пријателството со Македонија е клучно во реализацијата на оваа важна цел. 

Премиерот Заев изрази благодарност за огромната поддршка од Велика Британија за Македонија и рече дека новата Влада ќе ја оправда добиената доверба преку посветена работа на демократски развој на Македонија и на регионот.

„Владата дефинираше временска рамка за итните реформски приоритети важни на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ и одговорно ќе спроведе квалитетни реформи, затоа што граѓаните на Македонија заслужуваат евро-атланстки перспективи“, рече премиерот Заев. 

Присуството на Самитот во Трст на премиерот Заев, придружуван од неколкумина владини министри донесе Договор за транспортната заедница, чијашто потписничка е и нашата држава и ќе значи олеснето поврзување на граѓаните на Македонија со регионот. 

Но, она по што е значаен Самитот во Трст се и бројните билатерални средби што ги оствари премиерот Заев на највисоко политичко ниво, со светски и регионални лидери, кои испратија многу конкретни, јасни и прецизни пораки на целосна поддршка на премиерот Заев и на новата реформска Влада во Македонија. 

Средбите на маргините на Самитот и самиот Самит покажаа дека во претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и во новата Влада на Република Македонија се гледа како на мотор во регионалниот развој, во што се посочува клучот за евро-атлантските перспективи на Македонија и на Западен Балкан.

 
 
 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Трст имаше билатерална средба со канцеларката на Република Германија, Ангела Меркел.

Германската канцеларка Меркел изрази голема поддршка за новата Влада на Македонија, за одлучноста на Владата за суштински реформи и за определбата за интеграција на Република Македонија во ЕУ.

"Владата е одлучна да ги спроведе потребните реформи и да ја осигура евро-атлантската иднина на Македонија, а со тоа и квалитетен живот за граѓаните", рече премиерот Заев. 

Канцеларката Меркел најави поддршка од Република Германија во реформскиот и евро-атлантскиот интеграциски процес.

Изразена е заедничка определба да продолжи со уште поголем интензитет соработката помеѓу Република Македонија и Република Германија во области важни за граѓаните на двете земји.

 

Владата на Република Македонија на вчерашната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во регионот на јужната и на северната државна граница поради зголемениот наплив на мигранти, со што согласно правните прописи се отвора можност за соодветен ангажман и на АРМ, информира денеска на прес-конференција портпаролот на МВР Иво Котевски.

Тој посочи дека меѓуинституционалното координативно тело секојдневно ја следи состојбата со илегалните мигранти кои имаат намера да влезат на територијата на Република Македонија од соседна Грција и изготвува соодветни анализи за одговор при сите евентуални сценарија.

Појасни дека заради зголемениот притисок на јужната граница и се поголемиот интензитет на транзит преку т.н. балкански мигрантски коридор, но и состојбата во глобални рамки, беше проценето дека е неопходна дополнителна зголемена и поефикасна контрола на граничниот појас каде што се регистрирани масовни илегални преминувања од грчка страна.

- Ангажманот на Армијата очекуваме да даде резултат во две насоки. Прво, да се зголеми безбедноста и спокојството на локалното население и второ, да се обезбеди посеопфатен пристап во третманот на лицата кои изразиле намера да бараат азил во Република Македонија согласно капацитетите и препораките на конвенциите чиишто потписник е токму Република Македонија и кои се трудиме доследно да ги почитуваме, рече Котевски.

Нагласи дека за постапување по одлуката на Владата ќе биде формиран главен штаб при Центарот за управување со кризи кој треба да го изготви акцискиот план и да ги реализира предвидените активности. 

- Свесни сме дека зголемената контрола на нашата јужна граница не претставува конечно решение на проблемот и затоа очекуваме дека наскоро ќе биде утврден единствен хуман одговор од страна на Европската унија кој ќе ги опфати сите земји кои се најзасегнати од мигрантската криза и солидарно ќе го сподели товарот на соочувањето со предизвикот, рече Котевски.

Посочи дека во изминатите 24 часа, издадени се потврди на 1.327 странски државјани, за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил во Република Македонија.

- Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија - 1.004.Во овие два месеца, откако стапија во сила измените во Законот за азил, издадени се потврди на вкупно 41.414 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија - 33.461, потоа на Авганистан - 2.073, Ирак - 1.947, Пакистан - 1.198, како и од други земји каде што има оружен конфликт, истакна Котевски.

Од почнувањето на издавањето на потврдите до денеска, појасни, до Одделението за азил се поднесени 47 барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 34 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан, а од нив четири се деца кои го придружуваат родителот...

Одговарајќи на новинарско прашање, Koтевски рече мигрантите никогаш легално не влегувале во Република Македонија, ниту пак биле пуштани.

- Напротив МВР согласно капацитетите со кои располага ги преземаше сите неопходни мерки за да ја заштити нашата граница. За жал јужната граница која е надворешна граница на ЕУ воопшто не беше заштитувана од грчка страна односно не само што беа пропуштани, не беа запирани илегалните мигранти односно лицата илегално да ја минуваат границата. Напротив бевме сведоци во голем број случаи кога истите организирано беа транспортирани до границата, рече Котевски.

Со оваа одлука, нагласи тој, практично се засилува контролата на самата граница и во граничниот појас.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека дополнително ќе се утврдуваат трошоците, бидејќи досега МВР како една од институциите која имаше најмногу ингеренции околу контролата на границата се соочуваше со огромни месечни трошоци односно заради зголемениот ангажман на полициски службеници, возила итн.

- Нашите проценки говорат дека трошоците во изминатите неколку месеци заради дополнителниот ангажман изнесуваат околу 800.000 евра на месечно ниво. Тоа се дополнителни трошоци во однос на ангажманот кој го имаше само полицијата за обезбедување на јужната граница, посочи Котевски. 

Укажа дека похуман третман подразбира посоодветен третман на лицата кои се илегални мигранти и кои се во Република Македонија.

- Факт е дека Република Македонија не располага со неограничени капацитети и еден е третманот кој може да им се пружи на лица кога станува збор за 1.500, 2.000, 3.000 или 5.000 мигранти кои би влегле во ист ден, а друг е третманот кој би го добиле доколку илегално успеат да ја поминат границата 50, 100 или 500 илегални мигранти, рече Котевски.

Се очекува македонското МНР соодветно ќе ги извести соседните земји за преземените мерки.

- Ние имаме контакти со грчката полиција, за жал не секогаш на соодветно ниво. Имено, претходниот период се обидувавме во голем број наврати да оствариме соодветен контакт, да направиме соодветна координација во однос на обезбедување на државната граница и мерките кои треба би требале да ги преземаат полициските службеници од грчка страна, но за жал немаше соодветен одговор, додаде Котевски. 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во придружба на сопругата Зорица Заева и на владината делегација во состав Оливер Спасовски, Заменик претседател во Владата на Република Македонија и министер за внатрешни работи, Роберт Алаѓозовски, министер за култура на Република Македонија, Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Дане Талески, советник за надворешна политика на ПВРМ и Даријан Сотировски, директор на Комисија за односи со верски заедници, денеска оствари средба со Папата Франциск и со државниот секретар Пјетро Паролин, во Светата Столица во Рим.

За време на посета, која се остварува традиционално во рамките на програмските активности на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, Премиерот Заев имаше тет-а-тет средба со Папата Франциск, а потоа делегацијата беше примена на аудиенција кај Светиот Отец на Римокатоличката Црква во Ватикан.

За време на аудиенцијата во разговорот, премиерот Заев го изрази неговото лично, и високото задоволство во името на Владата на РМ од зголемената динамика на билатералните посети и на односите на нашата земја со Светата Столица, како што беше историската посетата на државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин во 2016 година, како дел од активностите за канонизацијата на Пресвета Мајка Тереза.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев ја повтори отворената покана за папата Франциск во блиска иднина да ја посети нашата земја, која би била од исклучителна важност, за унапредување на нашите билатералните односи, како и за регионот.

„Му пренесов на Папата Франциск дека очекуваме да влезат во завршна постапка процедурите за отворање на дипломатска канцеларија, апостолска Нунцитура во Скопје, со што ќе се создадат услови за зајакнување соработката во области од заеднички интерес. Имаме заеднички афирмативни ставови за ликовите кои се дел од нашата заедничко наследство како што се Света Мајка Тереза и Светите браќа Кирил и Методиј, како за силни темели на историските врски меѓу Република Македонија и Ватикан“, истакна премиерот Заев на средбата со Папата Франциск.

На средбата Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и Папата Франциск разговараа за длабоко вкоренетата традиција на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања и негување на верските слободи во Република Македонија.

Посебно внимание во разговорот со Папата Франциск Премиерот Заев, посвети на градењето и негувањето на темелна определба на Република Македонија - Едно општество за сите.

„Остварувањето на оваа наша заложба е можна само со постигнување целосна слобода на изразување на религијата во духот на мултиетничкиот, мултикултурниот и мултирелигиозен карактер на земјата, и со дијалогот и взаемното почитување на разликите“, рече премиерот Заев и додаде дека тесната соработка со Католичката црква во Македонија, и нејзината конструктивна улога како еден од столбовите на меѓурелигиозниот соживот во нашата земја, е еден од најважните фактори за остварување на идејата „Едно општество за сите“.

На средбата Папата Франциск, и посебно на средбата со Државниот секретар на Ватикан кардиналот Пјетро Паролин, се разговараше за унапредување на соработката во меѓу Република Македонија и Ватикан во сферата на библиотекарството, во реставрацијата, конзервацијата и дигитализација на материјали, како во сферата на стручната помош за архивирање и зачувување на религиозни предмети. Посебно беше истакната успешната соработка помеѓу Папскиот универзитет „Урбаниана“ и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и беше отворена и можноста за професионално образование на медицински персонал од Република Македонија во болниците на Ватикан.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на средбата, на Папата Франциск му подари реплика од мозаикот на кој се претставени пауни и елени, како илустрација на 41-от Псалм на Пророкот Давид, како најпрепознатливиот симбол на археолошкиот локалитет Стоби, од 5-тиот век.

Папата Франциск на премиерот Зоран Заев му подари рачно изработено дело во бронза од мајстор Гвидо Верои на кое симболично е претставена пораката: Светот на солидарноста и мирот е заснован на правда.

На покана на министерот за надворешни работи на Италија Анџелино Алфано, во улога на земја претседавач Јадранско-Јонската иницијатива, делегација од МНР предводена од Државниот секретар во МНР Виктор Димовски, на 24 мај 2018 година во Катања, Сицилија, учествуваше на Состанок на Советот на министрите за надворешни работи на Јадранската-Јонско иницијатива. На состанокот Република Македонија и формално стана полноправна членка на оваа иницијатива.

Во своето обраќање ДСЕК Димовски го изнесе задоволството што по повеќегодишни напори Република Македонија станува членка на оваа форма на регионална соработка. Воедно нагласи дека ова е уште еден голем чекор напред за Република Македонија која по минатогодишните демократски промени силно зачекори по патот на европските и евро-атлантските интеграции. Поаѓајќи од овие определби новата влада, паралелно со крупните реформски чекори на внатрешен план, презеде интензивни активности за унапредување на односите и соработката со земјите од непосредното соседство, но и во пошироки регионални рамки.

Со членството во Јадранско-Јонската иницијатива, Република Македонија ќе може заедно со останатите земји членки да го даде својот придонес во градењето солидни основи за процесот на европска интеграција, преку активниот придонес во приоритетните области во рамките на оваа иницијатива, како транспортот, туризмот, културата и животната средина.

Јадранско-Јонската иницијатива е оформена во 2000 година со цел да го подобри развојот и зајакне безбедноста на земјите во регионот, да ја зајакне соработката помеѓу земјите членки и да им даде поттик во процесот на интеграција со ЕУ. Во неа членуваат Италија, Грција, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Албанија, а од вчера и Република Македонија.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во придружба на сопругата и на владината делегација во состав Оливер Спасовски, Заменик претседател во Владата на РМ и министер за внатрешни работи на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, министер за култура на Република Македонија, Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Дане Талески, советник за надворешна политика на ПВРМ и Даријан Сотировски, директор на Комисија за односи со верски заедници, денеска, во рамките на посетата на Република Италија и на Светата Столица (Ватикан) по повод Манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ учествуваше во заедничките активности за чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј, со делегацијата на Република Бугарија предводена од премиерот Бојко Борисов.

Двете владини делегации предводени од премиерите Заев и Борисов учествуваа на молебенот и на церемонијата на полагање на венец на гробот на Св. Кирил во Базиликата Сан Клементе во Рим.

Со црковната служба на македонската православна црква, молебен во чест на Свети Кирил, началствуваше Митрополит Европски Пимен, во сослужение со Митрополит Кумановски и осоговски Јосиф, и Митрополит Тетовски и гостиварски Јосиф. Митрополитот Европски Пимен, после црковната служба одржа беседа за црковното дело на Свети Кирил и за неговиот брат Свети Методиј.

 

 

Потоа, двајцата претседатели на Влади, Зоран Заев и Бојко Борисов положија венци свежо цвеќе на спомен плочата во чест на папата Адријан II, во Базиликата Санта Марија Маџоре и имаа заедничка изјава пред присутните медиуми.

Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека со својот подвиг и мисија, Свети Кирил и неговиот брат Свети Методиј, ја задолжија тогашната сесловенска христијанска цивилизација, и дека нивната просветителска мисија има посебно место во историјата на македонската држава, како и посебно место во историското и духовното наследство и на другите народи на Балканот, како што е нивното достојно место во историјата на Република Бугарија.

„Со заедничките активности за одбележување Светите браќа Кирил и Методиј, ние го потврдуваме нашето искрено пријателство и заедно до целиот свет ја испраќаме хуманата порака на мисијата на Свети Кирил и Методиј, а тоа е порака за дијалог и меѓусебно разбирање“, нагласи Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

Тој додаде дека нивното дело тогаш имало наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога, и преку писмо разбирливо за словенските народи го организирале заедништвото во црквата, во Христа, како суштинска карактеристика на христијанската вера.

„Мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничкитe допирни точки не нè делат, туку нè поврзуваат. Оваа вредност, еве и после повеќе од 1150 години нè учи и нè инспирира“, рече премиерот Заев во своето обраќање пред медиумите по повод чествувањата во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.

„Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека Република Македонија го чува и го негува делото на Светите браќа, заедно со сите народи, заедно со народот на Република Бугарија, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ќе ја слават нивната цивилизаторска мисија со достоинство и чест во името на граѓаните на двете земји, како и во името на сите словенски народи кои негуваат почит кон Светите браќа Кирил и Методиј. Нека е вечен нивниот спомен и нека ни е за многу години големиот празник Свети Кирил и Методиј“.

Претседателот на Владата на Република Бугарија во своето обраќање истакна дека со чествувањето на празникот пред плочите каде е осветена нашата азбука се сеќаваме и на тоа колку големи дипломати биле Свети Кирил и неговиот брат Методиј во тоа време, кога требало да го убедат папата Адријан II дека треба да се шири словенското писмо.

Премиерот Борисов рече дека заедничкото учество во активностите за оддавање на чест на Свети Кирил со владиците од македонската и бугарската православна црква ја потврдува заедничката определба за пријателство и добрососедство меѓу двете земји, и дека споделувањето и меѓусебната почит кон историските настани и ликови, го градат патот на иднината меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Наместо овие празници да прават раздор меѓу двата народи, може да нè зближуваат, заклучи премиерот Борисов.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, попладневно одржа средба со Вршителот на должност заменик-помошник државен секретар на САД, Метју Палмер.
 
На средбата во кабинетот на премиерот Заев, Вршителот на должност заменик-помошник државен секретар на САД, Палмер јасно ја реафирмираше поддршката на Вашингтон кон процесите кои ги реализира владата на земјава за интеграција во НАТО и во ЕУ.
 
Палмер на средбата ја повтори и искрената определба, како и поддршка на САД кон Република Македонија и кон Република Грција со цел да се реализира позитивен резултат од разговорите за спорот со името.
 
Премиерот Заев на средбата го истакна значењето на дипломатските чекори кои ги преземаат САД и европските сојузници и пријатели на Македонија и Грција во однос на конечно решение на спорот за името, особено во период кога дипломатските активности се интензивни и кога самиот преговарачки процес е во финална фаза.

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска беше во посета на компанијата УКА Комерц, како една од фирмите која доби финансиска поддршка за мерката финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво  2018 година. УКА Комерц,  како еден од лидерите во индустријата за производство на сувомеснати производи во Македонија, на јавниот повик ги исполни условите и доби субвенција за 300.000 денари. 

„Овој реномиран производител поддршката ја искористи за надомест на средства за набавка на нова машина од Холандија, која согласно доставените документи ги чинеше речиси тројно повеќе. Ова е уште еден показател дека УКА Комерц постојано вложува во своето работење и среќен сум што успеваме барем малку да помогнеме во развојот ваквите успешни компании, кои истовремено активно ги следат нашите мерки“, истакна Бектеши. 

УКА Комерц, во своето 27-годишно работење како семеен бизнис, ги исполнува сите стандарди на прехранбената индустрија и може да се пофали со меѓународни успеси како што е наградата за меѓународен златен квалитет,  награда за одржување на квалитетот во Виена во 2015 година, две меѓународни признанија од Рим и Женева. Дел од нивниот асортиман е присутен и на пазарот на скандинавските земји, на големо задоволство на дијаспората.   

„Овој пример треба да го следат и другите наши компании, и во делот на инвестиции, новитети, квалитет, освојување на нови пазари, но и во делот следење и користење на владините мерки, бидејќи успешните параметри на овие компании значат и економски раст и успех на нашата економија“, рече Бектеши.

Еден од сопствениците на УКА Комерц, Адем Абази, се заблагодари за посетата на министерот за економија и за финансиската поддршка, особено што и минатата година оваа компанија аплицираше и доби поддршка  за воведување и сертификација на ХАЛАЛ систем, кој е посебно значаен за освојување на нови пазари за прехранбената индустрија.

„Со субвенцијата набавивме машина за конзервирање, која ќе значи и отварање на нови вработени за ракување со неа и нов процес во работењето на компанијата. Ние активно ги следиме владините мерки и мерките од Програмата од Министерството за економја, кои се скроени за потребите на компаниите и искрено се надеваме дека оваа наша соработка ќе продолжи, бидејќи ваквата поддршка е многу значајна за развој на бизнисот“, изјави Абази. 

Инаку, по јавниот повик за финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија  (до 300.000 ден.),  за која беше обезбеден буџет од 20 милиони денари, досега аплицирале 146 компании. До Комисијата за разгледување на овие барања доставени беа 105 апликации, од кои 81 се одобрени, а 9 се одбиени поради неисполнети услови. Останатите 56 барања пристигнаа по исцрпување на средствата, согласно принципот по кој се реализираше мерката – „прв дојден, прв услужен“.  Решенијата за исплата на субвенции се веќе испратени до 81 компанија.

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска денеска во рамки на посетата на Црна Гора имаше официјални средби со министерот за одбрана Предраг Бошковиќ, како и со претседателот  Мило Ѓукановиќ и шефот на парламентот, Иван Брајовиќ. 

На средбата со црногорскиот министер за одбрана беше заклучено дека Македонија и Црна Гора имаат исклучителна блиска одбранбена соработка која ќе продолжи да се развива и во иднина. Министерката Шекеринска се заблагодари за големата поддршка која Македонија ја добива од Црна Гора за членство во НАТО и истакна дека Македонија презема решителни чекори за домашни реформи, но и за решавање на долгогодишниот спор со Грција.

Министрите заклучија дека брзата евроатлантска интеграција ќе влијае на зацврстување на мирот и безбедноста и ќе отвори пат кон економски развој и просперитет на целиот регион.

„Македонија го заслужи членството во НАТО со бројните реформи. Нашето членство носи стабилност за целиот регион“, рече министерката по средбата. Таа додаде дека одлуката на НАТО за прием на Црна Гора покажа дека политиката на отворени врати функционира.  Рече дека таа одлука за нас е потсетување и инспирација. Потсетување декадржавите може да испуштат или да создадат историска шанса и инспирација дека високите  амбиции на малите држави може да се реализираат.

Министерот за одбрана на Црна Гора рече дека односите меѓу Црна Гора и Македонија се пример за соработка во регионот. Тој додаде дека двете држави делат заедничка иднина и дека Црна Гора сака да ја види Република Македонија како членка на НАТО.

„Црна Гора смета дека Македонија заслужува да биде следната членка на НАТО, тоа придонесува за стабилноста на регионот“, рече тој.

Министерот Бошковиќ посочи дека двете држави имаат одлична соработка изразена преку конкретни активности како што се заеднички  вежби за одговор во кризи и вежби за планинско војување, како и преку придонесот на двете држави во глобална безбедност во меѓународните мисии.

Министерката Шекеринска во Црна Гора се сретна и со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и со претседателот на Собранието, Иван Брајовиќ.

На средбите соговорниците ги потврдија одличните билатерални односи и истакнаа дека тие треба да бидат пример за соработка во регионот. Притоа е изразена целосна поддршка за членство на Македонија во НАТО и натамошно стабилизирање и развој на регионот.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска присуствуваше на свеченото отворање на фабрика за производство на фотоволтаични соларни модули и производство на фотоволтаични термални модули, прва од овој тип во Македонија на компаниите „ПИКСЕЛ Груп“ и  „СОЛАР-ЕТ“.

Потенцирајќи ја заложбата на Владата да создава стабилен  и поволен економски амбиент,  премиерот Заев изрази задоволство од новата домашна инвестиција, која придонесува за унапредување на процесот на производство на енергија од обновливи извори.

„Наша цврста определба во енергетските политики е да го зголемиме домашното производство на електрична енергија и да ги искористиме сите капацитети и природни потенцијали што ги имаме на располагање“, рече премиерот Заев во своето обраќање.

„Нашата Македонија е земјата на сонцето - тој огромен природен непресушен извор на енергија и потенцијал со заедничка работа и влог мора да го направиме да биде еден од генераторите на економскиот раст. Македонско сонце за македонска енергија!“, порача премиерот Заев, кој при обиколка на производствените погони со притискање на старт копчето на машината за ламинација го означи почетокот на работата на фабриката.

„Во овие новоотворени производствени погони ќе се произведуваат фотоволтаични панели од кои понатаму ќе се произведува електрична енергија од сонцето и фотоволтаични термални панели за производство на електрична и на топлинска енергија,“ рече премиерот Заев потенцирајќи го придонесот што компанијата ќе може да го пружи во трансфер на знаење и креирање на нова конкурентска предност на домашниот и странскиот пазар.

Премиерот Заев додаде дека со новиот Закон за енергетика се започнува процес со кој Македонија се доближува до европските стандарди и се овозможува секое домаќинство да инсталира сопствена фотоволтаична централа на кровот од својата куќа и директно да произведува и користи електрична енергија добиена од сонцето.

„Ваквите високотехнолошки инвестиции кои отвораат работни позиции за млади висококвалификувани кадри посебно охрабруваат“, оцени премиерот Заев посакувајќи успешен старт на производството со порака Македонија на вакви начини, со иновации да се промовира на бизнис мапата во регионот, Европа и светот.

 „Пиксел Груп“ е првата фабрика во Македонија, лидер во иновации на производи за производство на електрична и термална енергија, односно за производство на фотоволтаични панели по европски и светски стандарди. Со современа производна линија, во која што скоро 80 проценти од целокупниот технолошки процес е комплетно автоматизиран, ќе се произведуваат 20МW годишно фотоволтаични панели со највисок квалитет,“ рече директорот Горан Паунов за домашната инвестиција која изнесува 5 милиони евра и каде се планира вработување на седумдесет стручни, висококвалификувани работници.

Паунов посочи дека доколку во Македонија до сега се инсталирани 18МW за последните десет години, групацијата  „Пиксел“ е во можност без проблем да произведе 20MW за една година.

Тој објасни дека доколку пазарот побара повеќе, со мала интервенција, за максимум три месеци може да го дуплираат капацитетот на 40MW на годишно ниво.