Продолжува акцијата „Се грижиме за топол дом“

Сите граѓани кои имаат покуќнина, мебел, бела техника, електрични апарати, опрема за деца, велосипеди... кои не им се потребни, а се употребливи и натаму можат да ги донираат на социјално ранливите категории во рамки на акцијата „Се грижиме за топол дом“.

Како што информира на синоќешната отворена владина седница министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека досега во рамки на акцијата се реализирани околу 1.800 донации, а неделно се реализираат по пет до 10 донации.

- Има заинтересираност, меѓутоа, од сезона во сезона е различен интензитетот. Најчесто донации даваат граѓаните кога реновираат во сопствените домови. Некогаш и со еден стан кога се реновира се даваат повеќе донации за повеќе семејства кои се помалку имотни и кои имаат потреба. Досега интерес или потреба за донација имаат искажано повеќе од 4.000 граѓани. Тоа значи дека на околу половина веќе ги имаме задоволено потребите, рече Спасов.

Додаде дека, сепак, постои потреба и понатаму да се помага. Се обидуваме, рече, на најразлични начини и преку различни форми да го промовираме самиот проект.

- Кога ќе се појави некој проблем на телевизија, некоја хуманитарна помош и преку тие форми обезбедуваме и за тие граѓани соодветни донации. Ние како Министерство имаме потпишано договор со приватна компанија која што обезбедува превоз, ги зема работите од донаторот и ги носи во домот на семејството на кое што му се донира донацијата, рече министерот Спасов на владината седница.

Акцијата „ Се грижиме за топол дом ја спроведува Министерството за труд и социјална политика во соработка со општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, Црвениот Крст на Град Скопје и Црвениот Крст на Република Македонија.