Груевски: Државен испит за да ги подигнеме стандардите во образованието

Владата не отстапува од проектот државен испит со кој треба да се подигне квалитетот во високото образование и да се спречи појава на купени дипломи. Премиерот Никола Груевски денеска во Штип рече дека Владата не може да остане рамнодушна на тоа и дека е должна да најде мерки, начини и механзими за нивно решавање.

- За оваа работа кажавме многу дека ќе ги опфати студентите од идните генерации, а не овие студенти коишто сега излегоа на протест, кажавме дека нема да влијае на професорите и покрај тоа гледам дека од нив изразија реакција, но како и да е, клучното во оваа работа е да се прашеме дали во Македонија е идеално и немаме никакво купување дипломи, сите завршуваат со потребно знаење коешто е конкурентно со знаењето на младите во државите од Европа или, пак, во Македонија имаме купување дипломи без знаење и нешто треба да се направи и да се преземат конкретни чекори, рече премиерот. 

Ставот на Владата, додаде тој, е второто - дека  во Македонија  подолг период, во изминатите десет-15 години, има ситуација во која некои луѓе без елементарно знаење  дошле до диплома  и оти тоа, како што рече,  не е здраво за ниту едно општество, ниту за самите нив.

- Владата не може да остане рамнодушна на тоа. Владата е должна да изнајде  мерки, начини механзими тоа да се реши. Државниот испит не е нешто што сме го измислиле ние и го има во повеќе држави, во Полска, во Чешка, во Словачка, Унгарија, испробан е и  го има повеќе од сто години во тие држави. Таму никој не се противи, значи нема никаков проблем, а тоа се исто така демократски држави со автономија на универзитетите. Но еве, сега кај нас е некоја новина и го искористија и опозициските партии, мрежата финансирана од Сорос. Ние имаме своја мисија да ги подигнеме стандардите во Република Македонија во сите сфери вклучуваќи ја сферата на образованието, нагласи Груевски. 

Посочи дека предлогот поминува низ период на јавна расправа во која се салушаат и забелешките но, рече тој, суштинските забелешки, а не забелешките од типот „не сакам ништо да се менува’.

- Такви забелешки да не правиме реформи не ни се прифатливи. Низ деновите што поминаа имаше повеќе јавни расправи на различни локации низ Македонија што ги водеше Министерството за образование и на нив слушнавме многу интересни идеи, забелешки кои понатаму сигурно ќе ги земеме предвид. Значи, се она што е суштински добронамерно предложено и се она што може да ја подобри оваа реформа, го прифаќаме. Не прифаќаме ситуација седете си мирно, добро ни е вака, ќе си купуваме дипломи, нема ние што да учиме, после нека ни најде некој друг работа. Тоа не можеме да го прифатиме, додаде претседателот на Владата.