Јанкулоска: Построга регулатива за располагање и ракување со службено оружје

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска информира дека се разговара за преземање одредени мерки кои ќе значат нови нормативни решенија што се однесуваат на построга регулатива во располагањето и ракувањето со службено оружје, затоа што Законот за оружје се однесува само на оружјето што е со приватна дозвола за поседување.

Се чини, рече таа, дека постои дополнителен простор за построга регулатива во делот на ракувањето и располагањето со службеното оружје.

- Владата веќе најави една иницијатива по однос на која постапуваме и очекувам многу брзо сите институции, а ги има повеќе во државата каде што вработените ракуваат со оружје, да ги изанализираат интерните прописи и процедури, регулативата која ја регулира нивната работа и да се предложат решенија кои ќе значат дополнителна превентивна активност, појасни Јанкулоска по отворањето на Регионална конференција на тема „Реформи во полицијата во рамки на кривично-правниот систем и нивно спроведување“.

Таа уште еднаш потенцира дека сите овие мерки не би биле доволни и не би го дале целокупниот резултат ако целото општество не се вклучи во една пошиорка општествена кампања за нетолернација на насилството од каков било вид.

Во врска со тројното убиство во Злетово извршено од професионален војник, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска по барање на новинарите истакна дека за жал во последниот период сведоци сме на настани кои евидентираат ескалирачко насилство, посебно на домашното насилство, а она што МВР континуирано го прави е превземање и на системски мерки и промоција на нетолеранција на ваквиот тип на однесување.

- Во конкретниот случај потребно е да се направи дистинкција затоа што убиството е сторено со службено оружје. Тоа значи дека службеното оружје не потпаѓа под Законот за оружје, туку има целосно поинаков режим на ракување од оружјето кое потпаѓа под Законот за оружје и токму тоа е оној сегмент кој би сакале да го зајакнеме односно регулативата што се однесува на сите институции или органи каде што вработените ракуваат со оружје да биде построга и попрецизна, изјави Јанкулоска.

Во системски мерки кои се преземаат, таа го подвлече новиот закон за спречување на домашното насилство, кој треба да стапи во сила почетокот на идната година. Меѓутоа, истакна Јанкулоска, еден закон или регулатива само во еден сегмент од областа секако дека не е доволна.

- Доколку вработен во МВР стори кривично дело со елементи на насилство или добиеме какви било сознанија или информациии дека заради било кои околности во неговиот приватен живот постои можност да стори кривично дело со елементи со насилство, тогаш вработениот подлежи на дисциплински мерки кои подразбираат негова суспензија и раздолжување со личната опрема и вооружување. Тоа значи дека тој нема да ракува со оружје се до завршување на таа постпака, појасни министерката за внатрешни работи.

Согласно регулативата во МВР односно со новите измени и Закон за внатрешни работи вработените подлежат на експлицитно пропишана и предвидена безбедносна проверка, која подразбира проверка од аспект на јавната и на државната безбедност.

Одговарајќи на новинарско прашање за интерната комуникација со Министерството за одбрана и со Центрите за социјална работа, Јанкулоска посочи дека наспроти сите случувања комуникацијата со Центрите за социјална работа, е добра, а таму се прават максимални напори за превентивно делување. Во делот во надлежност на МВР се прават максимални напори, рече, и во делот на превентивата и во делот на откривачката функција и спроведување на репресивни мерки.