Доделени сертификати на учесниците на работилницата посветена на Меѓународното хуманитарно право

Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска им додели сертификати на учесниците на работилницата посветена на Меѓународното хуманитарно право, која се одржуваше од 17 ноември, во Домот на АРМ.

- Работилницата е одлична можност за подготовка на нашите мировници, бидејќи Меѓународното хуманитарно право е една од основните алатки, што секој војник и офицер, кој оди во мировни мисии треба добро да го познава, рече Јолевски на затворањето на работилницата. 

Соработката со Меѓународниот институт за хуманитарно право во Сан Ремо, според него, е од голема важност со оглед на активното и континуирано учество на припадниците на АРМ во неколкуте меѓународни мировни мисии.

- Се договоривме да продолжиме Воената академија заедно со Институтот Сан Ремо да прават вакви регионални курсеви, каде покануваме и претставници од земјите од регионот. Во рамки на Воената академија, каде од оваа година ќе почнеме со докторски студии, ќе има курс кој се однесува на Меѓународното хуманитарно право и ќе биде изучувано од страна на магистрантите и докторантите, додаде Јолевски.

На работилницата за хуманитарно право учествуваа претставници на АРМ, министерствата за внатрешни и надворешни работи.