Над 664 милиони евра за Македонија од ИПА II 2014-2020

Вкупно 664,2 милиони евра односно 320 по глава на жител, се наменети за Македонија од ЕУ преку инструментот за претпристапна помош ИПА II 2014-2020. 

Според Националниот стратешки документ ИПА II 2014-2020, кој денеска го промовираа вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и евроамбасадорот Аиво Орав, средствата ќе бидат искористени за реализација на конкретни и стратешки активности во четири приоритетни области како демократија, владеење на правото и човековите права, социоекономскиот развој, образование и развој на човечки ресурси и земјоделство и рурален развој.

Вицепремиерот Бесими истакна дека ИПА 2 е цврст доказ дека партнерството на Република Македонија со ЕУ е на здрави нозе и дека Брисел цврсто продолжува да го поддржува проширувањето на Западен Балкан и во тие рамки на нашата земја.

- Уште еден аргумент за пријателството и заинтересираноста на ЕУ е фактот  што оваа втора рамка е поголема според износот од претходната. И покрај посткризниот период со кој се соочува ЕУ сепак земјите членки се определија дел од даноците што ги плаќаат нивните граѓани да ги доделат за проширувањето. За 2007-2013 година ИПА изнесуваше 614,5 милиони евра вклучително со пограничната соработка, ИПА 2  за РМ изнесува 664,2 милиони евра. Дополнително на ова од регионалниот фонд за развој на ЕУ ќе се користат средства за прекуграничната соработка, рече Бесими.

Според него, тоа е уште една обврска за нас овие средства да ги искористиме во најдобра можна форма и за реализација на стратешките цели.

Евроамбасадорот Орав истакна дека со цел да ја направи поефикасна примената на ИПА-средствата тие ќе бидат наменети согласно потребите на земјата за спроведување на неопходните рефоми за подготовка за исполнување на крајната цел -  членството во ЕУ. Тој изрази надеж дека овие средства ќе бидат искористени и за адресирање на препораките содржани во Извештајот на ЕК за РМ.

Според него, транспрантноста и отчетноста ќе овозможи информирање на граѓаните за успешноста на постигнатите реформи и на процесот на проширување.

На новинарско прашање вицепремиерот Бесими истакна дека искористеноста на ИПА компонентата за 2007-2013 лани изнесувала 37,3 отсто, а за годинава податоците ќе бидат соопштени во јануари следната година. Од 614,5 милиони евра на располагање потпишани се финансиски спогодби во вредност од 565,9 милиони евра, а вкупно 829 договори во вредност од 249,6 милиони евра се склучени и се во фаза на имплементација.

По промоцијата во Секретаријатот за европски прашања Бесими и Орав ја потпишаа и Спогодбата за финансирање за 2013 програмска година во рамките на ИПА СВС Програмата за прекугранична соработка Македонија - Грција. Со оваа последна спогодба која е дел од ИПА 2007-2013 година опфатени се 50 проекти од областа на економската соработка, во секторот животна средина, како и во областа на туризмот и културната размена.

Националниот стратешки документ ИПА II 2014-2020 е подготвен од државните институции во соработка со ЕУ, а во неговото креирање беше вклучен и граѓанскиот сектор. Усвоен е формално од ЕК во август годинава, а првата програма за 2014 е подготвена од институциите и е поднесена на одобрување во ЕК, што треба да се случи до крајот на годинава.

Според програмата, за демократија и владеење во счедните седум години ќе бодат алоцирани 122,9 милиони евра, за владеење на правото и човековите права 83 милиони евра, за животна средина и климатски акции 112,9 милиони евра коку и за транспорт, за конкурентност и иновации 73 милиони евра, за образование, вработување и социјални политики 53 милиони евра и 106,3 за земјоделство и рурален развој.