Гасифицирана и Градската општа болница „8 Септември“- Скопје

Од денеска и Градската општа болница „8 Септември“-Скопје е гасифицирана. Со ова практично двата најголеми здравствени објекта во главниот град - Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и ГОБ „8 Септември“ се комплетно гасифицирани и како енергенс го користат гасот.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека од гасификацијата на ГОБ „8 Септември“ финансиска заштеда на болницата ќе се движи од 150.000 до 200.000 евра годишно кои ќе остануваат во буџетот на таа јавна здравствена установа. Појасни дека со гасификацијата на болницата позитивно ќе се влијае врз животната средина, што е од големо значење имајќи предвид дека болницата досега користеше од 1.000 до 1.500 тони мазут годишно во зимскиот период, но и во останатиот дел од годината.

- Со користењето на мазутот се исфрлаа 40 тони сулфур диоксид годишно во главниот град, а со користењето на гасот нула. Ова ќе влијае позитивно на животната средина и на воздухот во Скопје и на тој начин Министерството за здравство со гасификацијата на двата најголеми здравствени капацитети ги стави вон функција двата најголеми загадувачи во градот, рече Тодоров.

Тој очекува дека од бенефитите од гасификацијата ќе бидат вложени во дополнителен развој на таа јавна здравствена установа.

Директорот на ГОБ „8 Септември“, Сашо Стојчев рече дека заштедата од гасификацијата ќе биде наменета за купување дополнителна опрема, воведување нови методи, усовршување на доктори...

- Сметам дека од денеска ќе постигнеме позадоволително греење. Болницата има 52.000 м2 и реконструкцијата и промената од мазут на земјен гас не е едноставна. Целокупната заедничка инвестиција досега надминува 500.000 евра, посочи Стојчев. 

Одговарајќи на новинарско прашање Тодоров рече дека двата од бренерите и од котлите може да работат и на гас и на мазут.

- Котлите се македонски производ и изработени се во Прилеп. Практично се е македонски производ што е вградено тука освен бренерите кои се од една од најголемите две компании во светот кои произведуваат најквалитетни бренери, додаде Тодоров.