Тодоров се сретна со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во рамки на работната посета на Виена, се сретна со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Јукија Амано.

На средбата, соопшти Министерството за здравство, беа разгледани можностите за натамошно унапредување на соработката меѓу Агенцијата и релевантните институции од Република Македонија, особено по изборот на Република Македонија за член на Бордот на гувернери на Агенцијата, со што се отвораат повеќе можности од аспект на стручна соработка, како и простор за реализирање на националните приоритети на државите-членки.

Воедно, на средбата стана збор и за конкретните проекти кои Република Македонија ги имплементира со финансиска и техничка поддршка од Агенцијата, како што е ПЕТ-центарот (Центар за позитронска емисиона томографија), како и за други проекти и програми во областа на медицината и јавното здравје, стои во соопштението.