Во Белград ЕК го промовираше новиот пристап на економско владеење

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски и заменик-министерот за економија Кристијан Делев, денеска во Белград учествуваа на конференцијата „Западен Балкан: Економско владеење и поврзаност“, на која беше презентиран и прифатен новиот пристап на економско владеење промовиран од Европската комисија.

На конференцијата покрај министрите за надворешни работи и економија на земјите од Западен Балкан, присуствуваа и потпретседателот на Европската комисија Јирки Катаинен и комесарот за проширување и соседска политика Штефан Филе.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на конференцијата билa искажана и заложба за подготовка на новите национални реформски програми согласно насоките од ЕК за економско владеење. 

- Повеќе инвестиции во транспортната мрежа во Западен Балкан ќе го донесе регионот поблиску до ЕУ и ЕУ поблиску до регионот, истакна Попоски и укажа дека позитивни резултати може да бидат остварени со посилен политички и финансиски ангажман од страна на ЕУ.  

Министерот Попоски ја поздрави поддршката на иницијативата на ЕУ за подлабока и зајакната соработка меѓу земјите од регионот.

- Ова е продолжување на Берлинскиот процес, очекуваме посилна поддршка од ЕУ за економски раст во регионот преку конкретни проекти посебно во инфраструктурата чија изградба ќе создаде нови работни места и ќе ги намали разликите помеѓу развиените европски држави и државите од регионов, рече Попоски.