Јолевски: Македонските војници дел од бројни мировни мисии

Регионот располага со обучени војници и офицери кои имаат големо искуство, и затоа ние ги разгледуваме модалитетите како заеднички или поединечно да го зајакнеме учеството во мировните операции на Обединетите нации. Армијата на Република Македонија има голем број војници кои биле дел од мировните операции во Авганистан, Ирак, Босна и Херцеговина и Либан. Наша цел се заштита на мирот и безбедноста во глобални рамки и затоа ја разгледуваме можноста како во иднина да продолжиме со учеството во мировните операции предводени од ОН.

Ова го истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски на отворањето на дводневата регионална конференција за Зголемено учество на земјите од Западниот Балкан во мировните операции на Обединетите нации во Белград.

Тој посочи дека безбедноста и просперитетот во глобални рамки зависат од ефективниот мултилатерален систем и затоа, додаде, ОН претставуваат еден од главните актери на меѓународната безбедносна сцена.

Јолевски се осврна и на досегашното учество на Македонија во мисиите за поддршка на мирот, како потврда дека земјава активно контрибуира кон етаблирањето на мирот и демократијата во светски рамки.

Првиот заменик на премиерот на Србија, Ивица Дачиќ, како и потсекретарот за мировни операции на ОН, Харве Ладсу, во своите обраќања пред присутните истакнаа дека мировните мисии се централна активност на ОН за одржување на мирот и безбедноста. Западен Балкан многу бргу се трансформираше од примател во контрибутор кон светскиот мир и безбедност, заклучија говорниците.

На конференцијата учествуваат над 120 високи претставници на земјите од Западниот Балкан, односно од Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора, земјите партнери, меѓу кои и САД, Германија, Франција, Норвешка, Кина, Русија и меѓународните организации како Обединетите нации, Европската унија и НАТО.

Тркалезната маса која е во организација на Одделот за мировни операции на Обединетите нации, Интернационалниот мировен институт, во соработка со Република Србија и Канцеларијата на ОН во Белград има за цел на едно место да ги донесе високите претставници на земјите од Западен Балкан и високите официјални лица на Обединетите нации и партнерите, како начин да се развие дискусија за идниот придонес на земјите од регионот во мировните мисии на ОН.