Кампања за користење здрава храна и водење здрав начин на живот

Владата започнува сеопфатна кампања за подигнување на свесноста на граѓаните за значењето и потребата од користење на здрава храна и водење здрав начин на живот и применување физичка активност, под слоганот „Здравјето е избор! Здрава храна и здрав начин на живот значат долг живот!, најави денеска премиерот Никола Груевски. 

- Целта на кампањата е со едукативен пристап да се влијае  сите ние да се заштитиме од загрозување на здравјето, да си помогнеме себеси на нашите семејства и нашето општество... Сите светски статистики, мислења и испитувања водат кон еден заклучок кој вели дека доколку се употребува здрава храна и доколку постои редовна физичка активност тогаш секој човек би бил оправдано да очекува подолго да живее, рече премиерот Груевски на денешната прес -конференција во Владата.

Тој посочи дека оваа кампања не е изолирана активност на Владата, туку напротив е надополна на сеопфатниот системски пристап кој го применува во оваа сфера со активности и реформи што се спроведуваат на секое ниво. 

- Кампањата има благородна цел да се помогне, да се споделат фактите, да се советува за можностите да се насочат луѓето кон здравата храна, да се изгради култура кон исхраната, да се мотивира физичката активност и здравиот начин на живот и тоа се со единствена цел - да се заштити животот на луѓето, бидејќи здравата исхрана е пресудна за добро здравје, потенцира Груевски. 

Тој прецизира дека здравата исхрана се состои од зеленчук, со исклучок на компир, овошје, целозрнести житарки и здрави протеини. Притоа, како што кажа, овошјето и зеленчукот би требало да сочинуваат половина од внес на храна и треба да бидат разновидни и разнобојни, една четвртина од дневната храна треба да отпаѓа на целозрнести житарки и производи добиени од нив, а последната четвртина би требало да им припадне на здравите протеини како што се грав, соја, леќа, боранија, јаткасти плодови, риба и пилешко месо.

Здравата храна, додаде премиерот Груевски, треба да биде комбинирана со редовна физичка активност преку која може да се намали стапката на малигните заболувања до 60 отсто, на срцевите заболувања до 80 и на дијабетот до 90 отсто. 

- Искуствата и анализите покажуваат дека редовната физичка активност, употребата на здравата и избегнувањето на употребата на нездравата храна не само што не го зголемуваат семејниот буџет за исхрана, туку може и да го намалат. Не е се до парите, до свеста е, а свеста ние сакаме да ја подигнеме на повисоко ниво и тоа е целта на оваа кампања, нагласи Груевски, додавајќи дека ваков вид кампања веќе триесетина години се води во Финска,  а пораки за здрава исхрана во САД се емитираат уште од 1956 година. 

Тој посочи дека во Македонија е се поприсутен глобалниот проблем со зголемена телесна тежина и прекумерна телесна тежина (дебелина).

- Се проценува дека во светски рамки зголемената и прекумерната телесна тежина се причина за 3,4 милиони умирања, а сочинуваат 3,9 отсто од вкупно изгубените години на животот и 3,8 отсто на годините на живот со инвалидитет, рече Груевски.

Нагласи дека податоците од Министерството за здравство покажуваат оти 60,5 проценти од мажите и 47,8 проценти од жените на возраст од 20 години или  52,8 од вкупното население во Македонија има зголемена или прекумерна телесна тежина, а околу 20 отсто од возрасните во државата се со прекумерна телесна тежина.

- Загрижувачки е и трендот кај децата. Според податоците од Министерството една третина од децата на возраст од 6 до 7 години се со зголемена или прекумерна телесна тежина, а  13 отсто се со прекумерна телесна тежина. Главна причина за тоа е употребата на брзата храна, рече Груевски.

За одржување здрав начин на живот, додаде, лицата на возраст од 18 до 64 години треба да изведуваат аеробична физичка активност со умерен интензитет најмалку 150 минути во неделата или пак со енергичен интензитет 75 минути во неделата. Покрај тоа треба да имаат и вежби за зајакнување на мускулите најмалку двапати во неделата. Децата,пак, треба да се физички активни најмалку три часа дневно.

Како алтернатива возрасните лица треба да направат 8.500 чекори при секојдневните активности, машките деца од 6 до 17 години 13.000 чекори, додека женските 11.000 чекори.

Министерот за здравство Никола Тодоров потенцира дека камапњата ќе придонесе за унапредување на јавното здравје и додаде дека дебелината кај децата предизвикува најразлични деформитети и е основна причина за појава на дијабет тип два. Очекува со спроведување на оваа кампања дополнително да се придонесе за подобро здравје кај граѓаните.

Докторката Мирјана Кочова од Универзитетската клиника за детски болести истакна дека дури 80 отсто од дебелите деца ќе останат дебели цел живот, а како најголема  причина за дебелината  кај децата го истакна консумирањето на нездравата храна особено брзата храна и газираните пијалоци кои создаваат зависност. 

Пливачот Томи Стефановски истакна дека во Македонија полека се менува свеста кај населението за потребата од физичка активност и додаде дека се почесто гледал рекреативци на Кејот, но и луѓе кои рекреативно пливаат во базенот, каде што како што кажа, го поминувал најголемиот дел од денот. Тој им препорача на граѓните кога се гладни да консумираат сезонско овошје и зеленчук.

Кампањата што ја спроведува  Владата чини 456.117 евра без вклучен ддв и во неа се опфатени идејни решенија на знак и лого, изработка на ТВ и радио спотови, принт огласи и адаптација за внатрешно и надворешно рекламирање преку билборди, мегалајти, автобуси,... Покрај тоа, предвидува изработка на веб банери, осмислување на стратегија за нејзина промоција, подготовка и реализација на медија план и закуп на медиумски простор. Идејните решенија се на повеќе понудувачи и тоа Медија вижн, Аквариус дизајн, Актива Интерконс и Трето уво, а медија планот ќе го реализира маркетинг агенцијата Њу момент њу ајдиас компани.