Субвенции и инвестиции во земјоделството во првите 100 дена работа на МЗШВ

Во првите 100 дена од работењето на Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство реализира и почна голем број проекти. Како што рече денеска на прес-конференција ресорниот министер Михаил Цветков, успешно заврши и аплицирањето за субвенции. Поднесени се вкупно 74.000 барања, а дел од нив веќе се процесирани и исплатени.

- Од оваа година земјоделците ги добиваат субвенциите по однапред дефиниран „Календар за субвенции“ со кој точно е определена динамиката на аплицирање и на исплатата според потребите на земјоделците. Досега, според овој календар се исплатени тутунарите, а во периодот септември-октомври следи исплатата за полeделските култури, рече Цветков.

Од Програмата за рурален развој се реализирани 14 проекти за изградба на локална патна инфраструктура и инвестиции во водоснабдителни и канализациски системи, 10 проекти за подобрување на квалитетот на живот во рурални средини и шест проекти за унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја.

- Во овој период ја почнавме реформата за подобрено управување во водостопанството. Владата формира работна група за анализа и подготовка на акти за формирање Водостопанство на Република Македонија. Во тек се јавни расправи и се очекува до крајот на октомври 2014 година предлог-законот за АД Водостопанство на Република Македoнија да биде поднесен до Владата, соопшти министерот.

Во подготовка е дефинирањето на планот за инвестирање во водостопанската инфраструктура во периодот 2015  - 2025 година кој предвидува вложување по 20 милиони евра секоја година со што ќе се овозможи зголемување на наводнуваните површини на долг рок за нови скоро 25.000 хектари, привршува изградбата на системот за наводнување на Маркова река – Куклиш со кој се обезбедува наводнување на нови околу 400 хектари земјоделско земјиште, се работи на изградба на пристапен пат до браната Речани на Оризарска река со придружни објекти и акумулација со која ќе се реши проблемот во водоснабдување на општините Виница, Кочани и Чешиново – Облешево и ќе се овоможи наводнување на 1.500 хектари нови површини земјоделско земјиште, во тек е и тендерска постапка за избор на изведувач на браната Коњско како една од најголемите капитални инвестиции за следниот период и обезбедени се услови за почнување на експропријацијата за изградба на хидросистемот Равен-Речица.

- Се посветивме и на решавањето на проблемот со недовршени постапки на арондација од минатото. Почна реализацијата на проектот и заклучно со 17 овој месец се поднесени 35 барања за размена-арондација од кои 29 се во постапка, а шест се решени. Во наредниот период ќе се направат измени во Законот за земјоделско земјиште заради продолжување на  рокот на поднесување најмалку за една година, бидејќи истекува на 27 ноември годинава, посочи Цветков.

Во првите 100 дена успешно е спроведена и националната промоција на странските пазари на квалитетното македонско вино, овошје и зеленчук. Во програмата за оваа година се планирани 12 промотивни настани на најважните светски пазари за што од државниот буџет се издвоени 450.000 илјади евра.

Во врска со ИПАРД 2 Програмата  за 2014-2020, министерот рече дека е веќе изготвен нацрт-документ. Во тек е јавна расправа за нацрт-документот, а конечното одобрување од страна на ЕК се очекува во декември 2014 година.

- Целата европска помош во земјоделството изнесува 106 милиони евра, а во новата ИПАРД програма се вклучени континуирани мерки, но и мерки кои обезбедуваат поволни услови, како што е на пример зголемениот процент на ко-финансирањето. Земјоделците наместо 50 отсто во иднина ќе добиваат 60 проценти грант од европските пари, потенцира министерот.    

Тој се осврна и на останатите мерки кои се исто така во процес на реализација - покривање на 70 отсто од трошоците за спроведување редовни агрохемиски анализи за земјиштето и другите услови од добрата земјоделска пракса, 60-процентно кофинансирање на земјоделското осигурување, поголеми субвенции за македонските автохтони раси праменка, буша и овчарското куче „шарпланинец“, континуирано се преземаат активности за проектот за изградба на нови откупно–дистрибутивни центри за зеленчук и овошје, во тек е прибавување  техничка документација за претходно отуѓените парцели, како и трансформација од земјоделско во градежно земјиште за локациите Валандово-Јосифово, Босилово, Струмица, Могила и Градско.

- Во завршна фаза е реализацијата на проектот Изградба на пристапен пат до откупно-дистрибутивниот центар за јаболка „Макази“ во општина Ресен чиј складиштен капацитет е за 5.000 тони јаболка. Државата инвестираше во  пристапен асфалтен пат со должина од 550 метри до локацијата. Објектот е со површина од 5.500 метри квадратни, а официјалното пуштање во во употреба е предвидено до крајот на идниот месец, информира Цветков.
                    
Во тек е и мерката за финансиска поддршка на инвестиции за изградба на објекти и опрема во домови за деца и млади и домови на културата во населени места. Од оваа програма за овој период, реализиран е проект за пензионерски клуб село Саса, Општина Македонска Каменица, а во фаза на  реализација е изградба на културен дом во село Ораовица, Општина Радовиш.

За искористување на потенцијалите за развој на ловството, објавен е Јавен оглас за доделување концесија  на дивечот во ловиштата, првпат преку електронско наддавање за 39 ловишта на цела територија на Република Македонија. До крајот на октомври годинава ќе се распише нов јавен повик за повеќе ловни реони.

Преземени се активности за измени на Законот за квалитет. До крајот на 2014 година се предвидува да заврши и постапката за заштита на македонските земјоделски производи „Охридска цреша“, „Овчо бело сирење Бистра“ и „Кашкавал Бистра“.

- Ова е само дел од сработеното на Министерството за земјоделство, без да ги наведеме и измените и дополнувањата на законите кои беа или се во собраниска процедура. Со тоа, очекуваме дека ќе  придонесеме за подобрување на амбиентот на земјоделските производители и прехранбената индустрија, заклучи Цветков.

За идната година се предвидени 140 милиони евра земјоделски субвенции. Притоа, задолжително ќе биде користењето сертифициран семенски и саден материјал. Тоа воедно ќе биде услов за стекнување право за финансиска поддршка. Задолжителното користење на сертифицираното семе ќе се воведува постепено преку поврзување со висината на субвенциите.