Отворено ново мултифункционално игралиште во Крива Паланка

Крива Паланка денеска доби ново мултифункционално игралиште кое е дел од проектот на Владата за изградба на 100 повеќенаменски маалски игралишта низ целата држава.

Игралиштето е 16. по ред кое е свечено отворено, а 25 други игралишта низ државата се завршени и наскоро се очекува нивно отворање, додека 13 игралишта се во фаза на градба кои до крајот на годината ќе бидат целосно завршени.

Спортското игралиште е изградено по светски стандарди за играње на мал фудбал, кошарка и ракомет и се протега на површина од 1.300 метри квадратни. Оградено е со жичана мрежа и осветлено, така што нуди можност да се користи и во вечерните часови.

На свеченото отворање присуствуваше премиерот Никола Груевски кој истакна дека големите успеси и победи и врвните достигнувања во спортот никогаш не доаѓаат случајно или ненадејно, туку оти е потребно повеќегодишно и континуирано вложување во спортот.

- Токму затоа Владата на Република Македонија во изминатите неколку години спроведува една крупна и сеопфатна стратегија за напредок на македонскиот спорт и изградба на спортските терени кои недостасувале во изминатите години. Ваквата стратегија меѓу другото вклучува неколку капитални проекти во целата држава. Такви се изградбата на 35 големи спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 145 училишни спортски сали, 120 тениски игралишта, како и 100 повеќенаменски спортски игралишта. Добар дел од овие проекти се реализирани, а останатиот дел ќе се реализира во овие неколку години, нагласи Груевски.

Ваквите инвестиции, според него, јасно говорат за стратешката одлука на Владата да вложува и помага не само во спортот, туку и во други полиња кои значајни за развој и унапредување на животот на граѓаните.

Во тој контекст Груевски спомена неколку значајни проекти во општина Крива Паланка, меѓу кои доизградбата и реконструкцијата на железничката пруга кон Бугарија и новата технолошко-индустриско развојна зона во Ранковце каде компанијата ВЕИБО Груп веќе најави изградба на неколку фабрики во кои ќе бидат вработени околу 5.000 лица.

Според директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасески, инвестирањето во спортската инфраструктура е еден од најважните развојни сегменти на спортот.

-Промовирајќи ги вредностите на спортот ние ги промовираме вредностите кон кои сакаме младиот човек да се движи. Со нашите инвестиции, нашите ветувања стануваат реалност. Со изградбата на овие капитални објекти за спорт уште еднаш ја потврдуваме нашата заложба да градиме едно општество базирано на знаење и јакнење на духот и физичкото здравје кај младата популација, подвлече Спасески.

Градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски истакна дека денешното мултифункционално игралиште е дел од ветувањата дадени пред народот и оти со него Крива Паланка добива мултифункционален комплекс заедно со спортската сала „Петар Поп Арсов“ и тенискиот терен.