Премиерот Никола Груевски и владината делегација се обратија на бизнис-форум во Адана

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и членовите на владината делегација, денеска (четврток,18.09.2014 година) во Адана, Република Турција присуствуваа и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.

Бизнис форумот во Адана се организираше во соработка со Унијата на комори и стокови берзи на Република Турција (ТАББ) и Индустриската комора на Адана, при што присуствуваа претставници на компании од повеќе сфери, како што се прехранбената индустрија, земјоделието и градежништвото.

Премиерот Груевски во своето обраќање се задржа на поволностите за инвестиции кои им стојат на располагање на турските компании. Тој посочи дека државата отвори повеќе технолошко - индустриски развојни зони кои овозможуваат низа поволности како што се можноста во првите 10 години компаниите да не плаќаат данок на добивка и персонален данок.

„Секоја компанија во зоните е ослободена и од плаќање на царина и данок на додадена вредност за суровините и репроматеријалите кои ги увезуваат со цел да произведат стоки кои ќе ги извезуваат. Зоните имаат и изградена инфраструктура”, додаде премиерот Груевски.

Македонскиот премиер се осврна и на надминувањето на хендикепот мал пазар, преку потпишување на договорите за слободна трговија со сите земји од континентот Европа.

“Македонија има договор за слободна трговија со цела Европа, се разбира со државите од Европската унија, со членките на ЕФTA, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, со балканските држави, но и со Турција. На овој начин успеавме да го надминеме хендикепот на мал пазар. Ако претходно бевме мал пазар со два милиони потрошувачи со сите договори за слободна трговија што ги имаме секој еден кој сака да произведува во Македонија може да извезе на пазар од 660 милиони потрошувачи без плаќање на царина”, изјави премиерот Груевски.

Премиерот Груевски посочи дека во Македонија големо внимание се посветува и на инфраструктурата. Тој дополни дека покрај во постоечката, дополнително се  инвестира во патната и железничка инфраструктура. 

„Во моментот градиме три нови автопатишта, градиме железничка пруга кон Бугарија која што претходно ја немавме. Работиме и за отпочнување на градење на гасоводна мрежа која гледаме да започне од идната година”, изјави Груевски.

Министерот за привлекување на странски инвестиции, Бил Павлески во своето обраќање пред турските инвеститори се задржа на спецификите на македонската економија и поволностите кои ги нуди македонскиот пазар.

Министерот  за привлекување на странски инвестиции, Фуркан Чако се задржа на позитивното искуство кои го имаат повеќе странски компании од инвестирањето и работењето во Република Македонија.

„Турските компании „ТАВ“, „Халк Банк“, „Џеваир Холдинг“, „Суташ“, „Дунуа гоз хастанеси“, „Балкан универзитетот“ се дел од  турските инвестиции во Република Македонија и  тие се добар пример за инвестициската клима, затоа ги повикувам сите други заинтересирани турски инвеститори да  ја посетат Македонија и да се уверат во она што се нуди”, изјави министерот Чако.

Претседателот на индустриската комора на Адана, г-дин Зеки Киванч посочи дека Република Македонија е многу интересна за турските компании пред се поради близината со европскиот пазар, условите за инвестирање и добрата клима која овозможува добра економска соработка. Тој изјави дека бизнис форумот во Адана е важен поради можноста за јакнење на економските врски.

„Можните инвестиции кои ќе се реализираат се добар импакт и за Турција. На тој начин глобалните компании ќе имаат сигурни бизниси и силни врски со Република Македонија. Како Адана, и особено како индустриска комора на Aдана даваме секаков вид на поддршка за унапредување на таа соработка”, изјави претседателот на индустриската комора на Адана Зеки Киванч.