Кампања „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ во детските градинки

Годинава кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ покрај во училиштата ќе се реализира и во детските градинки во Македонија, со цел децата уште од најмала возраст да се научат на основните правила во сообраќајот, да се заштитат и да избегнат опасности.

Во рамки на оваа кампања министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска ја посети ЈДГ „Весели Цветови“ Објект „Кокиче“ – Кисела Вода, каде децата, преку приспособени работилници за нивна возраст, беа учени на основните правила во сообраќајот.

- Годинава продолжуваме со реализација на оваа програма со детските градинки во Македонија. Заедно со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП), МВР и МТСП преку едукативни работилници, најразлични предавања, практични обуки за користење велосипед, анимирани филмови прилагодени на возраста, децата ќе се учат на основните правила и прописи, изјави при посетата министерот Спасов.

Сакаме, додаде тој, уште од најрана возраст да ги едуцираме за основите правила и прописи во сообраќајот се со цел да бидат заштитени и безбедни во сообраќајот.

- Децата уште од најрана возраст се учесници во сообраќајот како пешаци и велосипедисти. Иако во најголем дел родителите вршат надзор на децата од оваа возраст, сепак постои можност тие да се соочат со одредена опасност во сообраќајот, истакна министерот за труд и социјална политика.

Појасни дека и во Програмата за ран детски развој се опфатени и посеби едукации за безбедност, снаоѓање во сообраќај и спречување на опасности со кои дополнително, како што посочи, се едуцираат децата како да се снајдат во одредена опасност.

Никола Ангеловски истакна дека РСБСП, заедно со Владата и сите други надлежни институции  како МТСП, МВР и Министерството за здравство ке се продолжи со кампањи за поголема безбедност во сообраќајот, се со цел, како што истакна, да се намали бројот на жртви во сообраќајот.