Премиерот Никола Груевски и владината делегација се сретнаа со менаџментот на компанијата „Истем Медикал“

Во текот на вчерашниот ден (вторник, 16 септември 2014 година), во Анкара, Република Турција, премиерот Никола Груевски и членовите на владината делегација  остварија работна вечера со сопствениците и менаџментот на компанијата „Истем Медикал“.

Оваа компанија веќе претходно објави дека ќе инвестира во технолошко - индустриската развојна зона во Скопје каде ќе произведуваат медицинска опрема, катетрхидрофилни катетери, уролошки системи  и останати медицински производи.

Премиерот Груевски и менаџментот на компанијата разговараа за динамичниот план на компанијата и инвестицијата чие отпочнување од компанијата „Истем Медикал“ се најавува многу наскоро.

Извршниот директор на „Истем Медикал“, г-дин Муса Јамурло изјави „Ние веќе во почетокот на наредниот месец планираме да започнеме со изградба на фабриката. Инвестицијата е вредна 10 милиони евра. Првенствено ќе имаме 150 вработени и после неколку години планираме таа бројка да се зголеми и да дојде до 250 вработени. Инаку сме многу благодарни на Владата што нуди добри услови за инвестирање и секогаш се однесува пријателски и добро не прими. Економските промотори многу ни помогнаа во реализирањето на оваа инвестиција и веруваме дека со ова темпо ќе продолжиме и понатаму и ќе реализираме и други инвестиции во иднина”,  изјави Јамурлу.

Заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, г-дин Климент Шекеровски изјави „Остваривме работна вечера со компанијата „Истем Медикал“ и поводот за кој што зборуваме денес е уште еден успешен проект во низата проекти на Владата на Република Македонија. Се работи за турска компанија која ќе произведува медицинска опрема во Република Македонија и ќе придонесе за креирање на нови работни места. Ова е доказ за сериозниот пристап и посветената работа на Владата која креира успешна бизнис клима за привлекување на нови странски директни инвестиции”, изјави Шекеровски.

Денеска владината делегација ја продолжува својата посета на Република Турција каде ќе се одржи бизнис форум во главниот град Анкара каде ќе бидат презентирани поволностите за инвестирање во Република Македонија пред повеќе турски инвеститори и компании, а во попладневните часови премиерот Груевски ќе се сретне со претседателот на Република Турција, г-дин Реџеп Таип Ердоган и премиерот на Република Турција, г-дин Ахмет Давутоглу.