Повисоки плати, пензии и социјална помош со буџетот за 2015 година

Поголеми плати во јавниот сектор од годинава и поголеми пензии и социјална помош од следната година предвидува буџетот за 2015 година, кој помина синоќа на владина седница.

Ова денеска на прес-конфернција го соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој го презентираше Предлог буџетот за догодина. Според него, од ноември годинава со исплатата на октомвриската плата примањата во јавната администрација ќе се покачат за 4 проценти. Од јули со јунската исплата социјаната помош ќе се покачи за 5 отсто, додека пензиите од октомври со исплатата на септемвриската пензија ќе се зголемат исто така за 5 отсто.

Буџетот за 2015 година како што истакна вицепремиерот Ставрески е во функција на исполнување на приоритетите на оваа Влада, а тоа се поддршка на стопанаството и приватниот сектор опреку капитални инвестиции, но и стандардот на граѓаните.

Како што посочи Ставрески предлог-буџетот е резулат на опсежна анализа, каде се земени во предвид два тренда – движењата во европската економија и постигнувањата во македонската економија годинава.

-  Европската економија покажа негативни знаци, во осум земји има пад на индустриското производство, како и негативни трендови во германската економија. Ние пак, забележавме висок раст за 4,3 отсто во вториот квартал годинава. Ги анализиравме и двата тренда и заклучивме дека македонската економија благодарение на економскиот раст, може да си дозволи покачување на платите, пензиите и социјалната помош и со тоа да го подобри стандардот на граѓаните, изјави Ставрески.

Инаку, Буџетот за 2015 година е проектиран на раст од 4 отсто на БДП, инфлација на ниско ниво од 2 отсто и буџетски дефицит кој е понизок од годинашниот и изнесува 3,5 отсто. Вкупните приходи за следната година се проектирани за 5 отсто повисоки од оваа и ќе изнесуваат 163 милијарди и 280 милиони денари, додека расходите се повисоки за 4 проценти и ќе изнесуваат 181 милијарда 777 милиони денари.

Освен за плати и пензии, најголем дел од расходите се наменети за субвенции за земјоделците за што се предвидени 140 милиони евра, како и за капитални инвестиции 21 милијарда 209 милиони денари.

Вицепремиерот Ставрески истакна дека и следната година продолжува инвестицсикиот циклус во патната и железничката инфраструктура и издвои неколку побитни проекти како Коридорот 10 за кој ќе се вложат вкупно 3,4 милијарди денари и за железничката инфраструтура една милијарда и 311 милиони денари. За водоводната мрежа и пречистителни станици се предвидени една милијарда и 765 милиони денари. Вкупно 600 милиони денари се предвидени за општините. За гасификацијата ќе се вложат 258 милиони и 817 илјади денари, а за изградба на јавни здравствени установи 529 милиони 716 илјади денари. За ПЕТ центарот се предвидени 350 милиони денари, за изградба и реконструкција на средни и основни училишта 600 милиони денари. За капитални инвестиции во високо-образовните центри во Македонија се предвидени 737 милиони денари. Во спортски проекти ќе бидат инвестирани 295 милиони денари, во изгардба на детски градинки 138 милиони денари. За исплата на лабараториите предвидени се 360 милиони денари. Во програмата за рурален развој планирани се една милијарда 696 милиони денари со кои се опфатени повеќе проекти во општините на РМ, како и средства за изградба на хидросистемите во земјава. За доизградба на технолошко-индустриски развојни зони предвидени се 535 милиони денари, каде, како што истакна Ставрески има најави за влез на нови инвестции.

Предвидени се и средства за бројни проекти во културата, како изградба на Филхармонијата - 185 милиони денари, за изградба на библиотеката и театарот во Тетово и албанскиот театар во Скопје  - вкупно 180 милиони денари.

Ставрески посочи дека финансирањето на буџетските потреби за следната година е обезедено преку еврообрзницата, која Македонија навреме ја издаде и со која ќе се отплатат и странските кредити и остнатите обврски. Не се предвидува ново домашно задолжување, само ќе има рефинансирање на веќе издадените хартии од вредност.

- Очекувам РМ и натаму да остане земја со макроекономска и фискална стабилност, да останеме на трендот на зголемување на економската активност кој што е поддржан и во делот на инвестициите и во делот на потрошувачката преку овие политики за зголемување на плати, пензии и социјална помош и инвестиции, како и другите проекти содржани во буџетот. Ќе го задржиме сегашното умерено ниво на задолженост, што не става меѓу најмалку задолжените земји во Европа, потенцира вицепремиерот Ставрески.