Премиерот Груевски на бизнис форум во Ескишехир

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски, која од вчера е во неколкудневна посета на Република Турција, денеска ќе учествува на бизнис форум што ќе се одржи во градот Ескишехир.

На бизнис форумот ќе бидат презентирани поволностите што им се нудат на странските инвеститори за отворање бизнис и нови работни места во Македонија.

Владината делегација наредните денови ќе присуствува и ќе се обрати и на бизнис форуми во турските градови Анкара, Адана и Мерсин.

Во среда се очекува да бидат остварена средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и со турскиот премиер Ахмет Давитоглу.

Вчера, поволностите што ги нуди Македонија беа презентирани пред бизнисмени од Коџаели.

Во составот на владината делегација се и  министрите без ресор за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и Фуркан Чако, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Климент Шекеровски.

Турција е меѓу 10-те најзначајни трговски партнери на Македонија. Во 2013 година, Турција е на 9-то место, а странските директни инвестиции во последните две години изнесуваат 44 милиони евра. Турција спаѓа во групата на брзо растечки економии во Европа, со пораст на бруто општествениот производ од четири проценти во минатата година и е една од 20-те најголеми економии во светот. Водечката улога која Турција ја има во областа на изработката на елементи од автомобилската индустрија, електронските уреди, текстилот и градежните материјали ја прават атрактивна дестинација од која може да се преземат искуства, но и во која има потенцијални бизнис партнери кои размислуваат да го прошират својот бизнис надвор од границите на Турција.