Објавени конкурсите за финансирање проекти во културата од национален интерес за 2015 година

- Министерството за култура на својата веб-страница и во дневниот печат ги објави конкурсите за финансирање проекти во културата од национален интерес за 2015 година. Првпат оваа година, а ќе важи и за наредните години, конкурсите за поединечните дејности од културата се објавени на 1 септември, наместо во јуни како досега, а нов е и начинот на аплицирање.

Поради новините во аплицирањето и за да има време внимателно да се разгледаат и соодветно да се пополнат, конкурсите за 2015 ќе траат 45 дена - до средината на октомври, а од идната година повторно ќе траат 30 дена.

Секој што е заинтересиран проектот да му биде финансиски поддржан од Министерството за култура од денеска може да ги подигне апликациите, електронски да ги пополни и да ги приложи во архивата на Министерството заедно со потребната документација наведена во конкурсите.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција соопшти дека во апликациите за секоја дејност на културата се содржани општи и посебни приоритети, услови и вредносни критериуми според кои ќе се евалуираат проектите. Целта е, нагласи таа, максимална транспарентност во изборот на проектите што ќе ги поддржи Министерството за култура и да бидат избрани тие што се во интерес на културата.

- Како и досега, и во иднина овие конкурси ќе бидат отворени за секој кој аплицира со проект од национален интерес во областа на културата и се однесуваат на локалните установи, граѓански здруженија, невладини организации и други правни и физички лица. Согласно новите измени на Законот за култура, националните институции од областа на културата веќе во јуни оваа година доставија нацрт-програми за работа на своите установи, во кои се содржани и проекти за наредната година, а кои ќе бидат евалуирани согласно истите приоритети и критериуми како и за останатите корисници кои конкурираат сега, на конкурсот во септември. На овој начин настојуваме да обезбедиме рамноправен пристап и третман на сите субјекти во културата, а воедно да ја испитаме и функционалноста и ефектите од работењето на националните установи од областа на културата, рече Канческа-Милевска.

Има посебна апликација и критериуми за секоја дејност од културата и за сите ќе одлучуваат посебни стручни комисии. За секоја апликација ќе има и лице за контакт за помош и советување при пополнувањето на апликациите.

Програмата со резултатите од конкурсот ќе биде објавена по прифаќање на буџетот за наредната година од Собранието на РМ. Со посебни решенија Министерството ќе ги известува сите корисници за резултатите од конкурсите, а за одбиените проекти ќе бидат јасно посочени причините. Неприфатените ќе може да поднесат жалба до второстепена државна комисија.

Согласно со измените на Законот за култура, Министерството за култура е обврзано да направи јавна презентација на проектите кои ќе се реализираат во 2015 година за, како што рече Канческа-Милевска, јавноста да може да ја согледа оправданоста на доделените средства.

Покрај овие конкурси, во текот на годината ќе си течат посебните конкурси: за учество на Биеналето во Венеција, за проекти од креативната индустрија и за стимулативните мерки воведени во сите дејности.

Канческа-Милевска информираше и дека со измените на Законот за култура се овозможува во иднина да се склучуваат менаџерски договори со директорите и институциите.

- Во менаџерскиот договор ќе се утврдат надлежностите на директорот, показатели за неговата и успешноста на институцијата, награди за успешноста и казни за непочитување на менаџерскиот договор, рече Канческа-Милевска.