Доделено 100.000-тото решение за легализација

Три години по донесувањето на Законот за бесправно изградени објекти, денеска во Агенцијата за катастар на недвижности беше доделено стоилјадитото решение за легализација.

Имотен лист, впишан во Катастарот, доби предметот на Раде Радевски од Општина Кисела кој се однесува на куќа стара 38 години.

- Во петокот, во 15 часот и 45 минути, во Агенцијата за катастар беше запишан 100.000-тиот легализиран објект. Ова значи дека во Македонија се веќе процесирани една третина од вкуно поднесените предмети за легализација што е добар напредок на процесот, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески пред врачувањето на решението кое го подигна ќерката на Радевски, Наташа Муртановска.

Јанакиески потсети дека од 13 август годинава дополнително се намалени цените на геодетските елаборати. Новата цена на објекти од 100 метри квадратни е 3.688 денари за разлика од претходно кога беше 4.100 денари, додека за објект од 300 метри квадратни е 7.332 денари, наместо 8.000.

Со измените на законите за катастар и за бесправно изградени објекти, пак, е овозможено бесплатно изготвување геодетски елаборати за корисниците на социјална помош.

- За 14 дена се поднесени 120 барања од лица корисници на социјална помош и тие моментно се обработуваат. Од идната недела претставници на Министетството и Катастарот ќе одат кај секое семејство поединечно, да го информираат за оваа новина, подвелече Јанакиески.

Министерот уште еднаш апелира, сите граѓани и компании поскоро да ги достават елаборатите за побрзо реализирање на легализацијата. Рокот истекува на 31 декември 2015 година, но не треба да се чека, рече Јанакиески, последниот ден.

Освен досега легализираните 100.000 дивоградби запишани во Катастарот и со имотен лист, легализирани се и уште неколку илјади, но за нив постапката не е заокружена. Треба да станат правосилни.

Легализирани објекти со издаден имотен лист засега има најмногу во Прилеп, вкупно 8.230, во Штип 5.956, во Битола 5.296, во Струмица 5.0002,... Во регионот на Скопје каде се легализирани 32.710 предмети, предничи Општина Аеродром.

Директорот на Агенцијата за катастар Славче Трпевски кој исто така ги повика граѓаните да си ги подигнат веќе изготвените елаборати од приватните геодетски фирми и да ги достават до општините, изрази надеж дека до крајот на 2015 година во Катастарот ќе бидат впишани 200.000 легализирани објекти.