На Ортопедија првпат применета нова метода - хируршки третман на 'рбетни деформитети

 

Нова метода - хируршки третман на рбетни деформитети пред два дена е првпат е применета на Клиниката за ортопедски болести. Направена е интервенција врз 15-годишна пациентка кај која интраоперационо е извршена целосна корекција на деформитет сколиоза и таа е во добра здравствена состојба.

По повод примената на новата метода, министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Клиниката каде изјави дека интервенцијата ја извршил доктор од Клиниката за ортопедија кој бил на едукација во Турција, во присуство на врвен ортопедски спинален хирург од Турција кој работи во реномираниот Центар за спинална хирургија во Истанбул. Посочи дека ќе се направат и други    такви заеднички интервенции до комплетно осамостојување на македонски тим кој ќе може да изведува таков тип интервенции во Македонија.
 
- Станува збор за метода која првпат се изведува на Клиниката за ортопедија, а веројатно и во Македонија, со оглед на тоа што досега овие деформитети се третирале со многу застарени методи (гломазни пластични корсети, кои не придонесувале многу за исправување на деформитетот, а пациентите имале отежнато функционирање со нив). Интервенцијата се изведува со импланти (шрафови) кои се пласираат во пршлените и се врши постапка на исправување на деформитетот, рече Тодоров.
 
Посочи дека таа метода е особено значајна за младата популација, бидејќи овозможува корегирање на деформитетите во најраната можна фаза (на возраст од 14-15 години). Доколку овие деформитети не се третираат соодветно, нагласи Тодоров, може да прогресираат и доведуваат до поголемо искривување на ‘рбетот или на телото во целост, со што сериозно се попречува работата на срцето и белите дробови, и се создава притисок на ‘рбетниот мозок и нервните корени кој може да резултира и со инвалидитет.
 
- Досега голем дел од пациентите со вакви ‘рбетни деформитети биле испраќани во странство. Една ваква хирушка интервенција во странство чини од 35.000 до 50.000 евра. Во Република Македонија оваа интервенција би чинела од 5.000 до 7.000 евра. Со тоа ќе се направи сериозна заштеда на буџетот на Фондот за здравствено осигурување односно здравствените средства ќе останат во Македонија, потенцира Тодоров. 

Појасни дека за овој тип интервенции во странство годишно до ФЗОМ има 20 барања, а шест, седум до 10 барања се одобруваат, што значи, како што додаде, фискалните импликации по овој основ се од 350.000 до 500.000 евра годишно, кои со воведување на методата ќе останат во Македонија и ќе може да се алоцираат на други намени.
 
Доктор Нерон Поповски од Клиниката за ортопедски болести истакна дека станува збор за последна генерација во третманот на 'рбетни деформитети (сколиози, кифози...), а степенот на корекција кој се постигнува со оваа метода е многу поголем споредено со старите методи.

- Кај одредени пациенти може да станува збор за целосна корекција на деформитетот. Во однос на постоперативниот тек, пациентите вториот или третиот ден може да почнат да одат. Нема потреба од постоперативно користење корсети или други помагала, а целата хоспитализација не трае подолго од десетина дена. За еден многу краток период животот на овие пациенти добива една друга димензија, рече Поповски и се заблагодари до турскиот доктор со чија помош ја извршиле интервенцијата и до тимот во операционата сала на Клиниката и анестезиолошкиот тим.

Покрај оваа метода на Клиниката за ортопедски болести се планира воведување на уште една нова метода исто така со помош на доктори од Центарот за спинална хирургија во Истанбул.

Поповски потенцира дека таа метода се однесува на напреднати дегенеративни состојби кои се јавуваат кај постари лица кај кои има големи оштетувања и притисок на нервите и на 'рбетниот мозок кој им оневозможуваат нормална моторна функција и тие пациенти многу тешко одат и имаат проблем со физиолошките функција.

- Многу краток период после таа метода речиси тие функции може да се ресторираат и пациентите да имаат нормален живот без прогресија невролошка и без можност да има инвалидитет од таа причина, додаде Поповски.

Директорот на Клиниката за ТОАРУ (трауматологија, ортопедија, анестезиологија и реанимација и ургентен центар), Реџеп Селмани рече дека имаат проекции и подготовки за други нови методи како што е нестабилно рамо, дијагностика, лекување..., како и за тешки деформитети на коски од ревматоиден артрит.

Доктор Златко Темелковски рече дека Клиниката и натаму останува посветена на изведување и воведување нови хирушки методи.

- Сметам дека и двете методи ќе најдат место во идниот Спинален центар за кој очекуваме дека наскоро ќе биде пуштен и сите колеги од клиниките за ортопедија и трауматологија ќе го заокружат процесот на трауматизиран и дегенеративен 'рбет и вродените аномалии кај младата популација, додаде Темелковски.