Тодоров: Обновена здравствена станица и проект за нов пункт на Итна помош во Кривогаштани

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска присуствуваше на отворањето на реновираната амбуланта во општина Кривогаштани.

Според проектот на Министерството за здравство што го изведе Здравствениот дом од Прилеп, комплетно е реновирана амбулантата која четириесеттина години беше речиси руинирана. Министерот Тодоров изјави дека станува збор за голем зафат вреден 3,1 милион денари и дава квалитетна здравствена заштита на населението.

- Овој здравствен објект беше многу руиниран. Направена беше темелна реконструкција. Обновени се прозорците, подовите, покривот и може да кажеме дека сега оваа здравствена станица е во многу добра состојба. Во објектот се отвори и лабораторија во која ќе се прават лабораториски испитувања за Лу-1 и Лу-2 испитувања на кои жителите чекаа бидејќи еднаш неделно се испраќаа во Прилеп, рече Тодоров.

Објектот располага со матичен лекар, стоматолог, аптека и биохемиска лабораторија. Министерот Тодоров го поддржува проектот за отворање на Служба за итна помош во Кривогаштани.

- Со градоначалникот на Кривогаштани и со директорот на Здравствен дом-Прилеп се договоривме веднаш да почнеме процедура за отворање пункт на Итна медицинска помош со цел да се намали времето на интервенција. Очекувам овој проект да се реализира во период од два до два и пол месеца по што ќе имаме заокружена здравствена инфраструктура во Кривогаштани со што ќе се подигне нивотото на здравствените услуги.  Одлично функционира и проектот „Рурален доктор“ во седум населени места, посочи Тодоров.

Во врска со потребата за специјалисти во Прилепската болница, најмногу за гинеколози, Тодоров нагласи дека двајца лекари се на специјализација и дотогаш прашањето ќе се решава со помош на специјалистите од Битола.

За директорот на Здравствениот дом во Прилеп, Петар Ристески, битно е што се обнови амбулантата во Кривогаштани бидејќи таа пружа здравствени услуги за речиси 10.000 жители од општината и соседните населени места.

Според градоначалникот на Кривогаштани, Тони Заткоски се решава големо прашање за регионот.

- Многу е битно што се обнови амбулантата каде се матичниот општ лекар, стоматологот, аптеката, лабораторијата. Со проектот за пункт на Итна медицинска помош високо се подигнува нивото на здравствени услуги за жителите, додаде Заткоски.