Промовирани 34 питомци од 14-та класа во потпоручници, двајца поручници од родот авијација

Триесет и четири питомци од 14. класа на Воената академија денеска во скопската касарна „Гоце Делчев“ беа промовирани во чин потпоручник, а  двајца од родот авијација во чин поручници.

На свеченоста присуствуваа претседателот и Врховен командант на АРМ Ѓорге Иванов, министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на ГШ на АРМ  генерал-потполковник Горанчо Котески кои им ги доделија наградите на најдобро рангираните во класата според покажаниот успех, Ненад Дубљевиќ, Илија Сребренов и Елеонора Науновска. 

Во рамки на оваа класа, 28 питомци се од Република Македонија, додека шест се од Црна Гора. Во однос на половата застапеност, од 34 питомци, 10 се припаднички на женскиот пол.

Министерот Јолевски им го честита свеченото промовирање во првиот офицерски чин и им посака успешна кариера и служба во националните армии.

Во изминатиот период, им се обрати Јолевски, вие со вашиот избор, залагање и посветеност докажавте дека во АРМ има место само за најдобрите. 

- Токму вие, со вашите стекнати вештини и способности во командувањето ќе бидете темелот на иднината на АРМ, на идниот општествен развој и на иднината на државата воопшто. За време на вашите студии на Воената академија се здобивте со најважните морални, етички и човечки вредности кои треба да ви бидат водич во извршувањето на вашите должности. Да бидете лидери со интегритет и чест, да бидете оддадени за натамошно усовршување, тимска работа, креативност и физичко размислување. Да ги почитувате различните ставови и да иницирате размена на мислења како да се постигнат најдобрите резултати, но истовремено да се почитува одлуката која ќе биде донесена врз еден ваков процес и заемно тимски да работите на постигнување на целта, рече Јолевски. 

Според него, успешните лидери се само дисциплинирани со висок степен на одговорност и почит кон законот, моралните и етичките норми од општеството, рече Јолевски.

Водејќи се од интересите на нашата земја, истакна министерот за одбрана, во изминатите години дејствуваме како де факто земја членка на НАТО. - Токму поради тоа ваша обврска како идни лидери е достојно да ја претставувате АРМ и Армијата на Црна гора, дома, во НАТО, во ЕУ и секаде каде што ќе ви се укаже прилика.  Вие имате капацитет да го следите патот на вашите постари колеги, им порача Јолевски.

Тој најави дека во наредниот период се планира да се етаблира Воената академија како респективен регионален центар за обука на офицери според стандардите на НАТО. Се планира наставни програми во третата и четвртата година на Воената академија да се спроведуваат и на англиски јазик. Тоа ќе  овозможи, појасни, идните офицери на АРМ и на армиите на земјите од регионот да школуваат свои кадри тука и да бидат целосно интероперабилни со членките на НАТО. Според него, тоа ќе овозможи кадетите на оваа Армија да поминат еден до два семестра на воените академии во НАТО земјите, но и кадети од овие држави да поминат еден до два семестра на оваа академија.

Јолевски лично и од името на МО и од АРМ им се заблагодари на деканот и на целиот кадар на Воената академија.

Прворангираниот питомец од Црна Гора, Ненад Дубљевиќ, во името на неговата класа им се заблагодари на сите кои им овозможиле да се школуваат на Воената академија во Скопје и да учат од најдобрите стручњаци во регионот.

- Пред четири години дојдовме на оваа иста писта се уште деца со голем мотив да станеме офицери-бранители на нашата татковина. Преку испитите, обуките, деноноќно работење, предавање и кампуси научивме дека патот по кој одиме не е многу рамен. Научивме дека доколку работиме како еден  ќе ги поминеме сите пречки полесно, научивме дека војничкиот леб е тврд, но сладок. Успеавме конечно ја добиеме првата офицерска ѕвезда. Денеска нашиот сон станува јаве. Да покажеме што сме научиле и да бидеме лидерите за пример, да покажеме дека сме и ќе бидеме најдобри, рече Дубљевиќ.

Елеонора Науновска од Пробиштип изјави дека е многу горда што денеска ја доби првата офицерска ѕвезда.

- Особена чест ми претставува тоа што како припадник на женскиот пол докажавме дека можеме да стоиме рамо до рамо со офицерите од машки пол. По нашето четиригодишно школување на Воената академија сите сме подготвени за нашата прва офицерска должност. Во иднина ве уверувам дека сите успшено ќе се соочиме со предизвиците што ги носи нашиот позив, рече Науновска.

Во класата која школувањето го започна во учебната 2010/2011 година дипломираа 43 студенти, од кои 33 питомци за потребите на АРМ и 10 студенти од цивилните насоки управување со кризи и заштита и спасување.