Пуштено во употреба повеќенаменско спортско игралиште во Триангла

Повеќенаменско спортско игралиште, дел од проектот за изградба на „100 повеќенаменски маалски игралишта низ целата држава“ денеска беше пуштено во употреба во ОУ „Наум Наумовски Борче“ во скопската наслеба Триангла.

Игралиштето чини околу седум милиони денари. Изградено е според сите светски стандарди со димензии 45 х 28 метри и ќе може да се користи за играње мал фудбал, кошарка, ракомет и други спортови. Во употреба го пушти премиерот Никола Груевски.

- Спортот беше и остана еден од основните приоритети на оваа Влада. За тоа најдобро говорат капиталните спортски проекти какви што Македонија немала никогаш претходно. Тоа се проекти од кои придобивки видоа сите општини во земјава, рече премиерот Груевски на свеченото отворање на игралиштето.

Тој посочи дека во општина Гази Баба Владата и Агенцијата за млади и спрт веќе ја изградија спортска сала „Методија Андонов Ченто“  и фудбалското игралиште во Трубарево, а во фаза на доизградба е спортската сала во ченто и тенискиот терен во Железара.

- Во рамките на спортските инвестиции во општина Гази Баба е и денешното пуштање во употреба на ова повеќенаменско игралиште кое е опремено и со рефлектори што ќе овозможи негово користење и во доцните вечерни часови. Со ваквите услови верувам дека ќе им излезе во пресрет на потребите на учениците од основното училиште и ќе биде ново збиралиште на младите и место за рекреација на сите кои го сакаат спортот, рече Груевски.

Тој вети дека соработката со општина Гази Баба ќе продолжи и во иднина, како во спортот, така и на сите други полиња.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески посочи дека со изградбата на капиталните спортски објекти се потврдува заложбата за градење на општество базирано на знаење и јакнење на духот и физичкото здравје кај младата популација.

- Игралиштето кое денеска го ставаме во функција е 14-то повеќенаменско игралиште што е свечено отворено, 29 игралишта низ цела држава се завршени и подготвени за отворање, а уште 11 се во фаза на градба и треба да бидат завршени до крајот на годинава. Кога на тоа ќе се додадат и досега изградените 39 тениски терени и 26-те кои се во фаза на градба може да констатираме дека  полека, но сигурно се менува спортската мапа на нашата држава, нагласи Спасески.

Градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски рече дека отворањето на игралиштето е убав пример како треба да се инвестира во развојот на спортот, посебно на училишниот и на масовниот спорт.

- Ова игралиште ќе можат да го користат учениците, жителите на  Триангла, како и сите останати жители на општина Гази Баба кои ќе пројават интерес, рече Трајковски.

Тој посочи  дека во општина Гази Баба континуирано се вложува во спортот за што, како што рече, во 2007, 2010 и 2012 година го доби признанието за најспортска општина во Република Македонија.