Објавен Регистарот на вештаци на вебот на Министерството за правда

На веб страницата на Министерството за правда од денеска за сите судови во Република Македонија и за надлежните институции е достапен Ргистарот на вештаци, кој содржи речиси 900 вештаци од преку 60 различни области на вештачење.

Министерот за правда Аднан Јашари на денешната прес-конференција рече дека во Регистарот се содржани и голем број лица кои биле запишани на списоците на постојани судски вештаци кои ги водеа судовите и кои имаат долгогодишно искуство во изготвување на вештачењата.

Со измените на Законот за вештачење донесен во јануари годинава, како што истакна министерот, се овозможи овие лица да продолжат да вршат вештачења преку стекнување лиценца за вештачење.

Регистарот на вештаци ќе се води во електронска форма со што е подноставена постапката за евидентирање на сите промени и негово навремено ажурирање, осбено од аспект на лицата кои ќе се стекнат со лиценца за вештачење од соодветна област издадена од Министерството за правда.

- На почетокот на овој месец Министерството за правда донесе и Правилник за пресметување на наградата за извршеното вештачење или супер вештачење и надоместок за реално потребните трошоци, согласно кој подзаконски акт висината на наградата се утврдува според висината на паричната вредност на предметот за вештачење, сложеноста на вештачењето, како и потребното време за прибирање на податоците и изработка на вештачењето, рече Јашари.

Претседателот на Комората на вештаци Васе Доневски истакна дека вештаци има скоро од сите области. - Најмногу вештаци има од областа на економијата, машинството и сообраќајот, а најмала бројка е од градежништвото, додаде тој.

Доколку странката не е задоволна од вештачењето може да поднесе барање до Дисциплинската комисија која изрекува казна за вештаците.

- Доколку странката не е задоволна од вештачењето и смета дека не е професионално направено, го изгубила спорот или пак судијата дал да се прави супер вештачење, во тој случај може да поднесе барање до Дисциплинската комисија, која независно го гледа вештачењето, односно дали било напраено во законски рок, дали е пристрасно и како резултат на тоа Комисијата изрекува и казна за вештаците, појасни државниот секретар во Министерството за правда, Илија Ристовски.

Претседателот на Комората на вештаци во ова прилика апелираше до професорите  од сите високообразовни институции во државата да аплицираат за добивање лиценци за вештачење.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Јашари рече дека бројот на вештаци Албанци во моментов е околу 10 отсто, но оти тоа не значи дека тој број нема да се зголеми. - Како министер за правда доставив барање до ректорот на Државниот тетовски универзитет со цел професорите што ги исполнуваат условите да достават барања за да стекнат лиценца за вештаци и да бидат запишани во Регистарот на вештаци, додаде Јашари.

Регистарот на вештаци ќе биде објавен и на веб страната на Комората на вештаци на Република Македонија.