Промовирани четворица офицери-пилоти од првата класа слушатели

Од денеска АРМ е побогата за четири нови млади офицери – пилоти од првата класа слушатели на стручно оспособување и усовршување на родот авијација. Резултатите кои ги покажавте во текот на вашата обука се потврда дека нашата земја има младина која е способна и мотивирана за постигнување одлични резултати по високи светски стандарди.

Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери на денешната свеченост по повод промовирањето на четворицата кадети од првата класа слушатели во Центарот за обука на пилоти во офицерски чин поручник.

Преку оваа свеченост каде е промовирана и првата жена-пилот во редовите на АРМ, истакна Џафери, може да се увиди дека и во пракса Министерството за одбрана ја спроведува резолуцијата 1325 на ООН по однос на родовата еднаквост.

На свеченоста на која присуствуваа и заменик-началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Насер Сејдини, како и државниот секретар во министерството, Сашо Стефаноски, министерот Џафери се осврна и на значењето на тукушто отворениот објект на Центарот во кој се поставени и новите симулатори од светски ранг.

- Пред неколку денови, во употреба го предадовме новиот мултифинкционален објект на Центарот за обука на пилоти во кој е вграден најсовремен софистициран автоматизиран систем и е опремен со симулатори за летање со хеликоптерите Ми-17 и Ми-24“, рече Џафери, додавајќи оти летањето на симулатори, претставува нова димензија во обуката на пилотите и обезбедува одржување на потребниот тренаж на пилотите.

На свеченоста се обрати и деканот на Воената академија, полковник Орце Поповски, кој им честиташе на офицерите-пилоти, а се осврна и на местото и значењето на Воената академија во образовниот систем на Република Македонија, но и пошироко, во регионални рамки.

Директорот на Центарот за обука на пилоти, Јаари Шрага, обраќајќи им се на четворицата промовирани пилоти нагласи дека тие се обучени за секоја мисија со која може да се соочи секој пилот на хелокоптер и која ќе претставува предизвик во вашата кариера. - Ви ги дадовме најважните и најефикасните алатки со цел да ги изградите и да ги поддржите сите ваши идни летачки активности, рече Шрага. 

Во рамки на договорот на Министерството за одбрана и „Елбит системи“ потребно е да се обучат 52 пилоти за потребите на воздухопловната бригада. Втората група на пилоти на хеликоптери за АРМ веќе ја заврши првата фаза од обуката, а наскоро се очекува да започне обуката на третата група и на кандидатите за пилоти.

На новинарско прашање поврзано со модернизацијата, како и одржувањето на хеликоптерите, министерот Џафери информираше дека поради несоодветствување на планираните средства со понудите за започнување на генерален ремонт на хеликоптери, Министерството за одбрана не било во можност да ја реализира постапката во 2013 година. Како што додаде министерот, се планира и за оваа година, со таа напомена дека последните понуди имплицираат на успешна реализација на соодветната процедура, со што во следните 4 -5 месеци ќе може да се направи избор.