Отворен Стариот театар во Скопје

Свечено е отворена новата зграда на објектот „Стар театар“ во Скопје, кој му беше примопредаден на Македонскиот народен театар. Станува збор за современ театарски простор во кој се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметничките дејности со високи технички перформанси.

Лоциран на левиот брег од реката Вардар, објектот е изграден врз темелите на стариот театар кој се урна во земјотресот во 1963 година. Позициониран е на вкупна површина од 7.200 метри квадратни, а аудиториумот на објектот е поделен на голема сала со партер и две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта. Сценската технологија и механика, како и целокупната сценска површина се од модуларен тип со двојно дно. Во системите на сценските технологии е вградена опрема од најпознати врвни светски производители за ваков тип опрема и објекти, која овозможува големи технички перформанси.

На свеченото отворање на објектот се обратија премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, директорот на МНТ Дејан Лилиќ и театрологот Јелена Лужина, а присуствуваа и пратеници, министри, поглавари на верски заедници, актери, уметници, градоначалници и претставници на бизнис-заедницата.

Премиерот Никола Груевски во обраќањето пред присутните рече дека денешниот датум ќе остане со златни букви да се бележи во поновата културна историја на Република Македонија. Тој посочи дека како предисторија на овој датум ќе се споменуваат разни историски етапи во кои како на филмска лента се градеше театарската уметност во Скопје и воопшто во Македонија.

- Ќе се споменува ресторанот „Зрински“ изграден во 1913 година и во чија импровизирана сцена од штици се играле тогашните татарски претстави. Ќе се споменува и старата зграда „Арена“ изградена во 1919 година која им служела на театарските уметности се до 1925 година кога била урната и театарот, пак, останал без своја зграда. Ќе се споменува и 1927 година кога завршила изградбата на новиот театар и на ова исто место почнал да функционира Народен театар во Скопје кој во тоа време го носел името „Крал Александар“. Секако ќе се споменува и кобниот 26 јули 1963 година кога Скопје доживеа катастрофа однесувајќи бројни градби меѓу кои и зградата на Стариот скопски театар, рече Груевски.

Тука, укажа премиерот, првпат е формиран МНТ, првпат на сцената се прозборе на литературен македонски јазик.

- Овој театар прв ја еманципира нашата култура во светот. Тука се создадоа операта, балетот и куклениот театар. Затоа со право можеме да го наречеме македонска културна престолнина. Сепак, она што значеше негово уривање не значеше и умирање на овој театар. Оттогаш па до денес Стариот скопски театар е дел од колективната меморија на скопјани и во душите на многу негови приврзаници кои постојано говореа за негова повторна изградба. Денес таквата желба е остварена. Стариот театар е на старото место исто како во старите добри времиња, нагласи премиерот.

Тој истакна дека она што го зацртале и биле силно решени да го исполнат го исполниле.

- Денеска пред нас имаме завршено реализирано дело, зборот е исполнет. Република Македонија доби врвна репрезентативна уметничка зграда која ќе биде нов препознатлив симбол на Скопје. Објектот целосно ги надминува рамките на воспоставениот театарски образец и претставува своевиден музеј, рече Груевски, истакнувајќи дека МНТ конечно го доби својот нов дом.

Тој и се заблагодари на министерката Канческа-Милевска, која, како што рече, „вложи многу време, енергија, труд, за ова да изгледа денес вака“. Му се заблагодари и на министерот за финансии Зоран Ставрески, кој, како што рече, „се потруди сите години да обезбеди средства за изградба и довршување на овој проект од големо значење за македонската уметност“. Упати честитки до министрите и пратениците кои го поддржаа проектот.

Министерката Канческа-Милевска истакна дека Шекспировиот Хамлет исповедал дека театарот е огледало во кое најдобро и најточно се гледаме сите ние и светот околу нас.

- Со гордост ќе забележам дека Република Македонија има извонреден театар, силен уметнички потенцијал, врвни уметници кои создадоа големи театарски претстави и освоија бројни признанија и награди. Од огромна важност е што нашите македонски театарски уметници по долги години поминати во импровизирани објекти од денеска ќе живеат и творат согласно највисоките светски стандарди и ќе создаваат уште поголеми театарски остварувања. Од денеска, во Скопје и Македонија театарот ќе се создава и ќе се гледа во истите технички и технолошки услови како во Њујорк, Лондон, Париз или Москва, рече Канческа-Милевска. 

Посочи дека на горната површина на оваа главна сала на театарот, македонските уметници ја отсликаа и македонската богата културна слоевитост, а во влезната партија, но и во естетската целина на целиот архитектонски простор се поставени бројни скулптури кои ја доловуваат атмосферата на драмата, комедијата и трагедијата, како и човечки претстави кои со својата појава упатуваат на содржините на театарот и уметноста воопшто.

- Република Македонија заслужува да има ваков театар, рече Канческа-Милевска, притоа заблагодарувајќи се на сите кои придонеле да се стигне до крајната цел, посочувајќи ги архитектите Јован Стефановски - Жан и Ивана Стефановска, по чие идејно решение се изгради театарот.

Директорот на МНТ, Дејан Лилиќ рече дека МНТ ги има сите услови за работа по теркот на европските национални театри.

- Од денеска во овој прекрасен објект ќе се населат сите драмски ликови, театарски реплики, духот на нашиот театар ќе се насели тука и ќе започне да мечтае. Ова е новиот чувар на македонската култура и традиција и патоказ отворен кон европските и светските театарски случувања, додаде Лилиќ.

Театрологот Лужина рече дека ваков настан во животот на секоја генерација, во животот на секој човек се случува само еднаш.

- Само еднаш се отвора ваква волшебна театарска зграда. Прстенот на доајенот на оваа сцена Петре Прличко кој никогаш не го тргна од раката и кој Нада Прличкова и тој го донираше трајно за музејската збирка на МНТ, се осмелив да го ставам на рака само затоа што сакав Петре уште еднаш да е застанат на оваа сцена, додаде Лужина.

Покрај основната функција на објектот, театарот сам по себе претставува и музеј со оглед дека преку темите на орнаментиката која ги краси ложите во внатрешноста е претставен дел од богатото македонско културно наследство, а посетителите можат да се запознаат со историјата на театарот на овие простори. Однадвор театарот го задржува својот автентичен изглед, а има и посебно осветлување (илуминација) на партерот, како и на целиот објект со што се истакнуваат неговите визури.

Актери од МНТ изведоа фрагменти од повеќе претстави, како и од претставата „Вечната куќа“ по текст на Јордан Плевнеш, со која во септември ќе биде означен почетокот на театарската сезона.

На отворањето на Стариот театар е промовиран и Музејот на МНТ кој претставува прва театарска музејска збирка формирана и презентирана во Македонија.