Регулаторна гилотинаПОМАЛКУ ПРОПИСИ ЗА ПОУСПЕШЕН БИЗНИС И ПОЛЕСЕН ЖИВОТ
Почитувани граѓани, Почитувани стопанственици, Нашата визија за едноставна и предвидлива регулатива, пријателски насочена кон бизнисот и кон граѓаните, веќе ја преточуваме во реалност. Посветено работиме да ги ослободиме граѓаните и бизнисмените од долгите редици пред шалтерите на државните институции и од нелогичните бирократски процедури и формалности кои единствено одземаат време и ресурси.
Со проектот "Регулаторна гилотина" Владата ги реализира активностите за поедноставување на прописите во насока на намалување и елиминирање на административните бариери. Убедени сме дека, со една ваква масовна и сеопфатна акција значително ќе се олесни животот на сите граѓани, особено водењето на бизнис во Република Македонија и еднаш засекогаш ќе се расчистат многу нелогичности во нашиот правен и административен систем креирани во последните 15-тина години или наследени од периодот пред тоа.
“Регулаторната Гилотина“ е веќе во понапредна фаза на реализација. Низ следните неколку етапи, ќе ја преиспитаме релевантноста и оправданоста не само на одредбите во законите, туку и на неверојатно обемната подзаконска регулатива, која заради својата сложеност и нејасност ја зголемува можноста за бирократија и корупција. Особено ќе бидат ревидирани и оценувани одредбите во прописите кои им даваат дискрециони права на носителите на јавни функции. Секаде каде што е изводливо, ќе го воведеме правилото “молчењето значи одобрување“, односно доколку надлежната институција не одговори по барање на странката во пропишан рок, ќе се смета дека барањето е одобрено.
Цениме дека треба да се чуе мислењето токму на оние кои се надвор од канцелариите и кои го имаат почувствувано товарот наметнат од бирократските процедури и непотребните формалности, се` со цел квалитетно и успешно реализирање на проектот.
Затоа, во духот на отвореноста кон граѓаните и бизнисите, почитувајќи го принципот на транспарентност и непосредност, ВЕ ПОВИКУВАМЕ ДА ДОСТАВИТЕ ПРЕДЛОЗИ за укинување, поедноставување или поевтинување на секоја бирократска процедура од економскиот и од севкупниот јавен живот, за која верувате дека треба да се корегира, без притоа да се наруши нормалното работење и функционирање на институциите и на правниот систем во целина. Сите ваши забелешки за одредени аномалии или недоследности во административните барања и постапки за издавање дозволи, лиценци, решенија, одобренија, согласности, сертификати, изводи и други формалности во смисла на преобемна документација, високи надоместоци и потребно време, како и позитивни искуства од други држави или оригинални, но конкретни идеи со писмено образложение, Ве молиме да ги испратите на адреса:
Бул. „Илинден“ бб, 1000 Скопје, назначено за проект „Регулаторна гилотина“ или на e-mail: regulatorna.reforma@gs.gov.mk ,
Вашите предлози доставете ги со пополнување на посебен Образец 3. Преземи тука.
Ако не ја искористите оваа ИСТОРИСКА МОЖНОСТ, Вие сте пропуштиле ЕДИНСТВЕНА шанса да влијаете врз создавањето поквалитетен и поедноставен живот за самите себе. Доставените предлози ќе бидат внимателно анализирани и дискутирани. Секоја идеја и предлог кои се спроведливи без да предизвикаат контра - ефекти за кои ќе дадат оцена стручни екипи и експерти, ќе бидат предложени во форма на измена на конкретен закон, подзаконски акт или соодветно.
Со почит,
Влада на Република Македонија Поддржувач на добри идеи
Преземете објава 1 во pdf формат тука . Преземете објава 2 во pdf формат тука .
ШТО Е РЕГУЛАТОРНА ГИЛОТИНА?
Големата продукција на нова регулатива во изминатите петнаесет години и континуитетот на дел од пред-транзициската подзаконска регулатива придонесоа за евидентно зголемување на регулаторниот и административниот товар за водење на бизнис. Инфлацијата од прописи ги подигнува административните бариери за водење на бизнис и наметнува високи трансакциони трошоци за фирмите и за физичките лица, со што се ослабува нивната конкурентска позиција. Истовремено, многу формалности во прописите стануваат некомпатибилни со принципите на пазарната економија и неконзистентни со напорите на Владата на Република Македонија да спроведе политики, кои се пријателски настроени кон бизнисот и кон граѓаните. Во таа насока, Владата на Република Македонија со Одлука за воведување гилотина на прописите бр. 19-5977/1 од 28 ноември 2006 година ја отпочна регулаторната реформа, како нов институционален механизам за преиспитување на решенијата во прописите заради нивно поедноставување. Минимизирањето на формалностите ќе се изведе преку утврдување на релевантноста (оправданоста) на постојните прописи и подготвување на предлози за измена или престанување на важноста на несуштинските прописи за правните лица (бизнисите) и физичките лица.
ПРВА ФАЗА НА РЕГУЛАТОРНАТА ГИЛОТИНА
Во почетната фаза на процесот, работните групи во одделните институции пополнуваат во писмена и електронска форма Образец бр. 1, кој се изготвува за секој пропис одделно, најдоцна до 22 декември 2006 година ( Преземи ОБРАЗЕЦ бр.1 ). Врз основа на доставените обрасци, Секторот за економски систем, тековни и развојни политики ќе подготви Листа на постојни прописи. Истовремено, работните групи ја оценуваат оправданоста на секој пропис поединечно, преку пополнување на Образец бр. 2, најдоцна до 10 февруари 2007 година ( Преземи ОБРАЗЕЦ бр.2 ). Со овој Образец, се изготвува образложение за оправданоста на секој пропис одделно, преку однапред дефинирани критериуми.
Пополнет пример за образец бр. 1 ( Преземи пример ОБРАЗЕЦ бр.1 ). Пополнет пример за образец бр. 2 ( Преземи пример ОБРАЗЕЦ бр.2 ).
ВТОРА ФАЗА НА РЕГУЛАТОРНАТА ГИЛОТИНА
Во следната фаза од регулаторната реформа, посебно формираната Комисија за регулаторни реформи, преку консултации со бизнис заедницата, невладиниот сектор, други заинтересирани субјекти, како и предлозите од експерти од областа на правото и економијата, ќе изврши непосредно преиспитување на препораките или прописите доставени од работните групи. Заинтересираните правни и физички лица може да дадат предлози до Комисијата за регулаторни реформи преку пополнување на Образец бр. 3 ( Преземи пример ОБРАЗЕЦ бр.3 ) за Оценка на оправданоста на прописите, најдоцна до 15 мај 2007 .
ТРЕТА ФАЗА НА РЕГУЛАТОРНАТА ГИЛОТИНА
Во последната фаза, Координативниот комитет, врз основа на Информација за поедноставување на решенијата во прописите, й предлага на Владата на РМ да воспостави Единствена електронска евиденција на прописи.
Притоа, за прописите кои нема да бидат вклучени во Единствената електронска евиденција на прописи, ќе се предложи до надлежните органи и институции поведување постапка за престанување на нивната важност.
ИНСТИТУЦИОНАЛНА ПОДДРШКА
Институционалната поддршка на проектот "гилотина" на прописи ќе биде обезбедена на три нивоа: • политичко ниво, претставено преку Координативниот комитет за имплементација на проектот гилотина на прописи, координиран од Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања; • високо административно ниво, кое го сочинува Комисијата за регулаторна реформа, во која членуваат претставници на Секторот за економски систем, тековни и развојни политики и раководителите на работните групи во министерствата (вклучително и Секретаријатот за законодавство) од редот на државни секретари/раководители на сектори и • оперативно ниво , кое го сочинуваат работни групи во одделни министерства, други органи на државната управа и во Секретаријатот за законодавство.
Институционална поддршка за имплементација на гилотината на прописи
ВРЕМЕНСКА РАМКА
Регулаторната реформа односно гилотината на прописите ќе се спроведе преку поедноставување на системот на формалности (уверенија, пријави, решенија, одобренија, овластувања, согласности, сертификати, дозволи, барања, изјави и други формулари и обрасци) до крајот на септември 2007 година . Одредбите во секој пропис ќе бидат темелно преиспитани од аспект на нивната релевантност и оправданост. По спроведување на овој проект, регулаторната реформа ќе прерасне во редовна практика.
ТРАНСПАРЕНТНОСТ НА ПРОЦЕСОТ
Во спроведување на проектот, координаторот на процесот и Комисијата за регулаторни реформи ќе се консултираат со претставници на бизнис секторот, невладини организации и други заинтересирани субјекти, со цел да се мобилизира поширока поддршка за регулаторните реформи. Преку е-mail адресата ( regulatorna.reforma@gs.gov.mk ), фирмите, стопанските комори, другите бизнис асоцијации, невладиниот сектор и останатите заинтересирани субјекти можат директно да контактираат со Владата на Република Македонија и да посочат одделни административни пречки, кои не се од суштинско значење, а ги зголемуваат нивните трошоци.
ОЧЕКУВАНИ РЕЗУЛТАТИ
По завршувањето на регулаторната реформа и прочистувањето на прописите од аспект на нивната релевантност, најдоцна до крајот на септември 2007 година, Владата на Република Македонија ќе објави Единствена електронска евиденција на прописи . Листата на прописи ќе й биде достапна на јавноста и преку интернет страницата на Владата на Република Македонија. Регулаторната реформа ќе го намали регулаторниот и административниот товар за фирмите и за граѓаните, што ќе им овозможи заштеда на време и ресурси. Проектот ќе обезбеди поголема правна сигурност, но и транспарентна и сеопфатна слика за регулаторната рамка, која треба да ја почитуваат бизнисите и граѓаните.
|


















