Ставрески: Новите врабоувања на социјално загрозените можност за нивна егзистенција

Целта на новата владина мерка за вработување на 1.600 лица од социјално загрозени семејства e да им се помогне на овие луѓе, да им се овозможи да излезат од сиромаштијата и да обезбедат егзистенција на своите деца.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, одговарајќи на новинарско прашање пред одбележувањето 21. година постоење Царинска управа.

Според него, мерката е адекватна за времето во кое живееме. Ќе овозможи решавање на барем еден дел на проблемот со невработеноста и сиромаштијата.

- Долгорочното решение за намалување на невработеноста е секако во остварувањето повисок економски раст. Ги правиме сите реформи и активности потребни за тоа да се оствари, но во вакви околности во кои се наоѓа европската економија, мора да одиме и со социјални мерки и мерки што го заштитуваат стандардот на најсиромашните граѓани, истакна Ставрески.

Владината мерка беше објавена завчера, а предвидува да се вработат 1.600 лица од четири категории - долгорочно невработени, преку десет години, лица од многудетни семејства, лица од самохрани и еднородителски семејства, како и лица од семејства без ниту еден вработен.