Пуштена во употреба новата детска градинка во Реонски центар во Аеродром

 

 

Двесте деца од предучилишна возраст ќе бидат згрижени во новиот објект „Сонце“,  при детската градинка „Буба Мара“ во населбата Реонски центар во општина Аеродром, кој денеска беше свечено пуштен во употреба.

Премиерот Никола Груевски на пуштањето во употреба на објектот истакна дека потребата за отворање нови детски градинки во контекст на постојан пад на наталитетот и намалувањето на бројот на родени деца е најпосакувана потреба за многу општини, градови и земји.

- Падот на наталитетот со стареењето на населението е загрижувачки за многу земји во Европа, па и во Македонија. Во последните педесеттина години бројката на новородени деца е намалена двојно. Токму заради тоа како Влада во континуитет водиме политики кои имаат за цел да ги поттикнат родителите да имаат повеќе деца. Оттука за нас е големо задовослтво фактот што во некои општини има потреба за отворање нови градинки, рече премиерот Груевски.

Аеродром, посочи, е млада општина која има уште простор за развој, за нови градинки, за нови проекти и нови дела. - Нека има потреба за уште многу, а ние сме тука да градиме и помагаме, истакна македонскиот Премиер.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски истакна дека денеска се отвора едно ново место за едукација, дружба, забава и учење на основните општествени и етички норми и вредности.

- Новата градинка е една голема придобивка не само за децата, туку и за нивните родители кои од економско социјален аспект ќе имаат една грижа помалку, рече Ристовски.

Тој додаде дека на ваков начин се мотивираат сите кои имаат намера да го прошират семејството да имаат, како што рече, безгрижна мисла бидејќи власта ќе опстои и истрае во определбата да има што повеќе нови и да се адаптираат и прошируваат постоечки градинки.

Градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски појасни дека ова е заеднички проект на општината и Владата преку Министерството за труд и социјална политика.

- Со пуштањето во употреба на оваа градинка во нашата општина повеќе нема да има деца кои ќе чекаат на списокот за запишување, туку сите ќе бидат згрижени, рече Коневски.

Додаде дека општината нема тука да застане и оти и натаму ќе се реализираат проекти за подобрување на секојдневниот живот на жителите на општината и на децата кои, како што рече, се најдрагоцено нешто во животот.

Објектот „Сонце“ е со површина од 1670 метри квадратни на парцела од 7200 метри квадратни.  за објектот се издвоени 80 милиони денари, односно 72 за изградба и 7,5 за опрема. Со ова се зголемува бројот на градинки на 54 во 43 општини во кои се згрижени над 27 илјади деца.