Глувите и наглуви лица од денеска ќе се информираат од дневникот на знаковен јазик на МТВ

 

Oколу 6000 глуви и наглуви лица од денеска навремено и целосно ќе добиваат информации од земјата и светот од дневникот на знаковен јазик кој ќе се емитува на јавниот радио дифузен сервис Македонска телевизија.

- Чинот за прв пат да се донесе една ваква значајна одлука како што е воведувањето дневник на знаковен јазик наменет за глуви и наглуви лица кој што ќе се емитува на МРТВ е озвучување на гласот на тишината, рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Ова е само почеток, како што нагласи министерот, кон воведување и на други емисии од информативен карактер, кои треба да бидат поттик  и за останатите телевизиски куќи во државава.

- На овој начин ќе се унапреди толеранцијата и разбирањето кон глувите и наглувите лица, на што не обврзува и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации, чијшто потписник е и Република Македонија и чијашто ратификација се очекува во скоро време од страна на македонското Собрание, истакна Ристовски.

Генералниот директор на МРТВ Петар Каранаков посочи дека по долго време дневникот на Македонската телевизија ќе се емитува и на знаковен јазик за глуви и наглуви лица. Тој најави дека МТВ во текот на оваа недела ќе започе и со примена на овој начин на превод и за дебатните емисии.

Претседателот на Националниот Сојуз на глуви и наглуви лица на Македонија Васко Марков во име на членовите на Сојузот искажа благодарност до МТСП и до МРТВ бидејќи искажале разбирање и „слух“ за нивната тишина.

Главниот и одговорен уредник на МТВ Петар Ѕалев информира дека денеска во 16:30 часот ќе се емитува првиот дневник на МТВ со знаковен јазик за глуви и наглуви лица, а во недела ќе стартува и првата емисија  „Од наш агол“, а веќе од следната недела ќе се пристапи и со воведување на толковен јазик и на други емисии. 

Проектот е реализиран од Министерството за труд и социјална политика во соработка со Македонската радио телевизија и Националниот Сојуз на глуви и наглуви лица на Македонија.