Попоски: Преговори со ЕУ и паралелено решавање на името

Министерот за надворешни работи Никола Поповски се надева дека препораката за почнување на преговори за членство во Европската унија што Македонија ја доби третпат по ред од Европската комисија може да се преточи во одлука на Советот на ЕУ во декември, доколку таа ги прифати сите агргументи и се врати на старата методологија билатералните спорови да се решаваат во текот на процeсот на преговори.

Тој надежите ги темели врз тоа што досегашните аргументи на Грција за блокирање на членството на Македонија заради побрзо решавање на билатералниот спор веќе се покажале како неиздржани, и тоа што Македонија трет пат ја добива препораката, што како што оцени, е потврда за напорите што ги прави, како во областа на макроекономската полтика, политичката стабилност и придонесет во развојот на позитивна клима во регионот.

Поповски смета дека постои и можност новата грчка влада на национално единство во која се вклучени и власта и опозицијата, би можела да прифати процесот да се одблокира. Со тоа Атина би покажала поголем конструктивност.

Министерот, кој денеска на средба со новинари даде отчет за работата во првите 100 дена од формирањето на Владата, смета дека Македонија треба да ги почне преговорите со ЕУ, а потоа да се решава билатералниот спор, начин, кој што гледано низ историјата на проширувањето дава позитивни резултати.

- Република Македонија доби трета потврда дека ги исполнува сите критериуми за почнување на преговори со ЕУ за членство. Таа трета перпорака се надеваме дека ќе може да се преточи во одлука од страна на Советот на ЕУ во декември. Во тој правец се насочени сите наши напори за афирмирање на аргументите зошто тоа треба да се случи. Врз основа на претходната историска фактографија на проширувањето на ЕУ од почетокот на 70-ите па се со последното затворање на преговорите со Хрватска секогаш билатералните предизвици биле надминувани во процесот на преговори и тоа било таа рамка која овозможувала да се направи исчекор. Тој рецепт е покажан како успешен модел и мислам дека не треба да се прават исклучоци, вели Поповски.

Таа трета препорака по ред, смета дека е најсилниот што Македонија може да го даде, но оти тука секако треба да се земе предвид нејзината стабилна макреоекономска политика, политичката стабилност и нејзиниот позитивен однос кон регионот.

- Мислам дека со таква аргументација и враќање на една успешна методологија што е покажана како добар рецепт во претходните проширувања може да се надмине и нашиот билатерален проблем и да се овозможи деблокирање на процесот за евроинтеграција, вели министерот за надворешни работи, истакнува министерот Поповски.

Вели дека постојат сигнали од земјите-членки на Унијата дека е добро да се излезе од психологијата на блокирање на европските аспирации на земјата. Признава дека Грција е сериозно преокупирана со должничката криза, но се надева дека тоа нема да е пречка за да се продолжат преговорите.

Попоски истакна дека во однос на втората стратешка цел на Македонија за членство во НЕТО, потврда за оправданоста на аспирациите е презентацијата на Акцискиот план на Македонија на последниот самит на Алијанстата, континуирабиот придонес што го дава во мировните мисии, како онаа во Авганистан, во услови, како што вели, кога дури и многу земји членки размислуваат за намалување или повлекување на своите војници. 

Македонија ќе ја чека одлуката на Меѓународниот суд во Хаг во врска со непринципиелната  блокада од страна на Грција, и непочитувањето на одредена одредба од Времената спогодба, и како што посочува министерот, како одговорна членка на ОН ќе постапува согласно таа одлука и ќе ја почитува.

Во врска со изоставувањето на придавката „македонски" од извештајот на Европската Комисија, Попоски смета дека единствен начин тоа да се поправи е враќање кон стандардите на самата Комисија, во чии регистри во листата на 30-тина европски јазици на кои сеговори во Европа е заведен и македонскиот.

Министерот за надворешни работи најави и засилени активности на македонските амбасади, како во поглед на остварувањето на политичките цели на земјата, така и во однос на привлекувањето странски инвестиции, поттикнувањето на извозот на земјата и промоција на Македонија како туристичка дестинација.