Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски, на сите верници од исламска вероисповед во Република Македонија им го честита големиот муслиманскиот празник Курбан Бајрам

Почитуван претседателе на Исламската заедница во Република Македонија, господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот, и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија да Ви го честитам големиот муслимански празник Курбан Бајрам.

Важноста и светлината на ваквите големи празници имаат големо значење пред се за верникот како единка, а и за односите во семејството, помеѓу роднините и пријателите, помеѓу верниците. На ваквите големи празници, секој верник е исправен пред својата совест и своите постапки, покорен пред својата верба и потчинет пред својот Бог и е раководен од потребата од општоприфатено и добро однесување. Празникот Курбан Бајрам од секогаш бил симбол за почитта, толеранцијата и љубовта помеѓу луѓето, хуманоста кон беспомошните, помалку имотните и немоќните. Вашиот авторитет и заложби, како и Вашите повици до верниците од исламска вероисповед за верување во вредностите и за нивна промоција во интерес на општото добро, имаат огромно значење за натамошното почитување и унапредување на целокупното општество.

Честитањето и уважувањето на ваквите празници го градат битието на меѓучовечкото разбирање и хармонијата во нашата татковина Република Македонија. Токму затоа, со искрени чувства на уважување кон големиот муслимански празник би сакал на сите припадници на исламската верска заедница и на нивните семејства да им посакам многу здравје, љубов, бериќет и духовен мир. Сите заедно, обединети во вредностите и во цивилизациските придобивки, да продолжиме со активностите за подобрување на стандардот на граѓаните и за економски развој, за понатамошно создавање на можности за образовен и културен напредок, за спроведување на реформите кои ќе ја унапредат состојбата на сите општествени полиња, за продолжување на модернизацијата, за остварување на европските и евро-атланстки интеграции, и изградбата на модерна и силна Република Македонија.  

Нека Ви е честит големиот муслимански празник.

 

Со почит,

Никола Груевски