Награди за најдобрите средношколски есеи на тема „Зошто е кул да си стар“

Тројца средношколци од Македонија денеска добија награди за најдобар есеј на тема „Зошто е кул да си стар“ на конкурсот што го организираше Делегацијата на Европската унија во Македонија. Поводот е тоа што 2012-та ЕУ ја прогласи за  година на активно стареење и солидарност на генерациите.

Првата награда ја доби Наташа Толевска од средното „Георги Димитров“, која пишувајќи за својот татко порача дека старењето може да се замени со духовна младост и  да биде повратен, а не неповратен процес ако луѓето се мудри. Второнаграден е Филип Николовски од „Раде Јовчевски-Корчагин“ и трета е Теодора Јагориноска од „Мирче Ацев“ од Прилеп. Тие ќе добијат промотивни материјали од ЕУ, литературни дела преведени во рамки на Програмата на ЕУ за култура 2007-2013, а првонаградената и една година курс за еден од јазиците на Унијата.

Право на учество на конкурсот имаа учениците од сите средни училишта во Македонија, а пристигнале 31 есеј од 17 училишта од десет градови. Трите најдобри есеи ги избра жири во кое членуваа доаjенот во спикерството Бранка Станковска, професорот по етика д-р Кирил Темков и претставници од Делегацијата на ЕУ и Министерството за образование и наука.

Првата награда ја врачи евроамбасадорот Аиво Орав кој рече дека жирито имало тешка задача да се одлучи за најдобриот есеј, бидејќи сите што конкурирале биле инспиративни. Целта, рече тој, била да се подигне свеста за придонесот на старите луѓе во општеството за да се создадат подобри можности за нивно активно  стареење - во добро здравје, висок квалитет на живот, активно вклучување во заедницата и создавање услови за поголема независност преку социјалните услуги, здравствената грижа, возрасно учење, волонтерство, ИТ-услуги, транспорт.

- Без разлика колку и да сме стари, ние се уште може да имаме улога во општеството и да уживаме во подобар и поквалитетен живот. ...Организиравме натпревар надевајќи се дека ќе ги вклучиме младите генерации да размислат што значи да си стар и кои се приодобивките на таа возраст. Добивме многу дела од учениците со различни сфаќања кои покажуваат дека врските помеѓу генерациите постојат и опстојуваат, рече Орав.

Министерот за образование и наука Панче Кралев рече дека конкурсот е и симболичен начин да им се укаже почит на сите постари лица кои придонеле во градењето на државата, а тоа, рече тој, и натаму го прават со своите совети кон помладите генерации. - Фактот што на натпреварот беа вклучени толкав број македонски ученици потврдува дека тие се грижат за постарите граѓани, рече Кралев.

Според податоците на Евростат, има нагорен тренд на стареење на населението во ЕУ, што се должи на подолгиот животен век на луѓето во однос на минатото. Просечната возраст на жителите на Унијата е 39,8 години, но до 2060 се очекува просекот да биде 47,2 години. Речиси 30 отсто од вкупното население на ЕУ тогаш ќе бидат лица со над 65 години. Во 2010 на таа возраст во ЕУ биле 16 отсто од населението.