Скопје, 24 декември
Зголемување на бројот на статии на македонски јазик на Википедија, најобемната глобална интернет енциклопедија, предвидува проектот што наскоро треба да го имплементираат Министерството за информатичко општество и пет факултети.

По тој повод, министерот за информатичко општество Иво Ивановски и деканите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Факултетот за странски јазици при Универзитетот Американ Колеџ-Скопје, Факултетот за филолошки науки при Универзитетот ФОН и Природно-математичкиот факултет при скопскиот Универзитет, денеска потпишаа Меморандум за соработка и разбирање.
- Овој проект во поголемиот дел е наменет за македонските државјани кои не зборуваат втор јазик. Токму нив им е најпотребно да има поголем број содржини на интернет на македонски јазик, рече министерот Ивановски.
Тој најави дека се работи на план наскоро да се зголеми бројот на македонските статии кои ќе се преведуваат на втор јазик, а ќе бидат селектирани од соодветни институции, со цел граѓаните кои не зборуваат македонски јазик да може да читаат статии за Република Македонија.
Факултетите ќе работат во правец на поттикнување на своите студенти, преку конкретни мерки за создавање на поголем број на статии на Википедија под надлежност на работна група составена од стручни лица од образовните институции кои го потпишаа меморандумот. Во овој проект се вклучени и институтите за македонски јазик и национална историја.
Изработена е и веб страница на која студентите ќе може да пристапат и да изберат теми кои ќе ги работат. На страната се наоѓаат и упатства за правилно подготвување и поставување на текстови на интернет енциклопедијата.
Моментално на Википедија има 35.036 статии на македонски јазик, што во регионот е повеќе само од Албанија и Босна и Херцеговина. Лидер на Балканот е Србија со 98.364 статии.