Грчката блокада не смее да ни ги засени целите, интервју за МИА на министерот за надворешни работи Никола Попоски

Пристигнавте во Чикаго, што очекувате да се случи на Самитот на НАТО?

- Алијансата ќе мора да се соочи со неколку стратешки предизвици. Клучен е успешен излез од Авганистан. Военото присуство не смее да се одложи предолго. Тоа би било поразително колку за земјите контрибутори во мисијата ИСАФ, толку и за самиот Авганистан. Воедно, прерано повлекување може да стане причина за продолжена нестабилност. Сепак потојат разидувања околу динамиката. Потребно е од Чикаго да се упати јасна порака.

Од аспект на остварување на македонските амбиции за членство во Алијансата?

- Остварувањето на нашите амбиции во поглед на НАТО зависи од нас, но зависи и од тие кои се членки. Во доменот кој зависи од нас самите, тие амбиции се пресретнати од поодамна. Уште во 2008. Тогаш е констатирано дека Македонија ги исполнила буквално сите стандардни критериуми да биде член на НАТО. Одлуката од тогаш зависи единствено од волјата на една земја членка.

Што ви велат другите земји членки? Очигледно има интензивна дипломатска комуникација и мора да ви се упатени јасни пораки.

- Свесни се дека е од заеднички интерес Македонија и формално да стане дел од НАТО. Исто така се свесни и дека без виза од соседот одлуката не може да се оствари. Потребно е сите претставници, до еден, да гласаат за. Фрустрации има и кај нив. Најголем дел имаат многу покрупни предизвици со нашиот сосед. Истото нам не ни помага. Ниту економски, ниту пак политички. Имаат надеж дека нашата конструктивност и посветеност ќе вроди со плод, но не им делува драматично, бидејќи не сметаат за доследен партнер.

Нели е таквата ситуација неправедна?

- Неправедна е секако, но тоа не помага. Порелевантно е дека е противправна. Се работи за насилничко прекршување на доброволно преземени меѓународно-правни обврски од една земја, кон соседот. Таа земја легално се обврзала да не го блокира нашето членство во НАТО.

Очекувате ли да се промени грчкиот политички став? Да надвладее разумот...како што имате повторено во неколку прилики.

- Според пораките кои во моментов се упатуват од Атина, недостига разумност. И тоа од повеќе аспекти. Тие кои носат политички одлуки најавуваат повторено прекршување на билатералната спогодба.

Но, кои се тогаш ефектите?

- Судот на ОН го деградираат, своите обврски не ги исполнуваат, а договорите ги склучуваат за потоа да ги фрлаат во корпа. Скандалозно е да се истакне став за свесно силување на меѓународна правна рамка, која претходно ја наметнаа, измислувајќи спор пред 20-тина години. Истиот можеше и да не постои. Како што го нема во нормални земји, да речеме Белгија, која има провинција со исто име како и Луксембург, кој е држава.

Зошто според вас би се правело нешто, што е спротивно на "заедничките интереси", како што велите?

- Се наметнува заклучок дека политичкото водство кај нашиот јужен сосед цени дека е корисно да не држи во заложништво. Со постапките се наведува дека продолжена неизвесност и правна несигурност се прифатливи, ако не и посакувани. Всушност тоа се поставува пред регионалниот, па дури и европскиот стратешки интерес.

Ќе се промени ли нашата надворешна политика доколку ваквите услови опстојуваат и натаму?

- Ние сме одговорна земја со јасна стратегија. Нема да дозволиме да бидеме загрозени, нити пак дезориентирани. Тоа што некој сака да не држи во заложништво или генерира нестабилност не смее да ни ги засени целите. Се однесуваме коректно, одговорно, демократски и од сите очекуваме реципрочно конструктивен пристап.

Дури и кога ни се држи иднината во заложништво, како што оценивте...?

- Секој одлучува за својот пристап. Ние сме решиле да бидеме демократски, принципиелни и да ги почитуваме преземените обврски. Други одлучуваат да градат позиции преку продолжена непредвидливост и држење на соседот во заложништво. Времето ќе покаже што е правилно.

Што е во таква ситуација следен приоритет на македонската дипломатија?

- Нагласена конструктивност и заложба за мир, демократски принципи и просперитет. Глобално, но пред се регионално. Ќе работиме интензивно дури и кога наидуваме на неконструктивност. Само така може да се надеваме на промена на менталитетот. Мора да влијаеме кон промена во ова лудило од политика на опструкции, уцени и правење штета на соседот. Иднина се гради со пристап кој ја зголемува комуникацијата и довербата, но пред се меѓусебната почит кон различностите. Така е помеѓу луѓето. Истото важи и за државите. Убеден сум дека зближувањето на луѓето и бизнисите е вистинската формула. Таму ќе бидеме најмногу насочени.

Извор: „МИА“