Турска поддршка за Македонија пред самитот во Чикаго

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, во интервју за турскиот весник Хуриет, вели дека грчкото противење на македонското членство во НАТО, по пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, не е веќе само неправедно, туку и незаконско.

- По пресудата, веќе нема логика Македонија да се држи надвор од НАТО. Се надевам дека ќе се најде решение во разумна насока. Како што видовме, Грција во тешки ситуации е способна да донесе некои многу нерационални одлуки, вели Попоски за Хуриет.

Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу, кој вчера се сретна со Попоски, на заедничката прес-конференција во Анкара изјави дека Турција го поддржува македонското членство во НАТО како чекор кој ќе придонесе кон стабилноста на целиот регион.

- Ние сметаме дека стабилноста, мирот и просперитетот на Македонија се основа за мир и стабилност на Балканот. Турција ја признава Македонија под уставното име. Вештачките пречки поставени пред македонскиот пат кон членство во НАТО треба да бидат надминати што е можно поскоро. Се надеваме дека Македонија ќе продолжи да дава пример како центар на различни култури, етнички групи и религии. Ние немаме граница со Македонија, но ја сметаме Македонија за поблиска од сосед, изјави Давутоглу по средбата со министерот Попоски.

Претходно, весникот Хуриет, повикувајќи се на анонимен турски дипломатски извор, најави дека во Чикаго Турција силно ќе се заложи за прием на сите земји кои се подготвени за членство, наведувајќи ги Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија.

Како цел на турската дипломатија, Хуриет наведува дека доколку во Чикаго нема проширување, треба да се преземе обврска подготвените земји членки да бидат примени на следниот самит на НАТО.

Министерот Попоски упатил благодарност за искрената поддршка што Турција безрезервно и во континуитет ја манифестира кон Македонија, изразувајќи надеж дека таа ќе продолжи и во иднина, при што како главна насока била потенцирана можноста за интензивирање на економската соработка и промоција на македонските продукти на турскиот пазар.

Заедничка била констатацијата дека трговската размена, која во моментов изнесува околу 400 милиони долари, е потребно и натаму да се зголемува со проекција наскоро да достигне и бројка од една милијарда долари. Двајцата министри го потпишаа Договорот меѓу Република Македонија и Република Турција за условите за патување на државјаните на двете земји.

Министерот Попоски во Турција се сретна и со претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Џемил Чичек. Чичек исто така искажал силна поддршка за што поскорешно зачленување на Република Македонија во НАТО.

Обединетата македонска дијаспора најави дека министерот Давутоглу, за време на самитот во Чикаго, ќе присуствува на гала вечерата, на која ќе му биде врачена повелбата Пријател на Македонија.

- Задоволство ни е што министерот Давутоглу ќе земе учество на гала вечерата во чест на претседателот Ѓорге Иванов. Како министер за надворешни работи на Турција, Ахмет Давутоглу неуморно работеше да се засилат пријателските врски меѓу Турција и Македонија. Ова е клучно стратегиско партнерство за двете земји, кое ја промовира стабилноста и безбедноста во југоисточна Европа и во заедницата на држави членки на НАТО, изјави Стојан Николов од Обединетата македонска дијаспора.

 

Категорија: