Средби на министерот Попоски со турскиот колега Давутоглу и со претседателот на турското народно собрание Чичек

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска во Анкара, во рамките на официјалната посета на Турција, имаше средби со претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Џемил Чичек и со турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу.

На средбата со министерот за Давутоглу, како што информираат од МНР, било потенцирано високото ниво на билатерални односи меѓу Македонија и Турција, како и желбата за продлабочување на соработката на сите полиња на заеднички интерес, како на билатерален, на регионален и на мултилатерален план. 

Министерот Попоски упатил благодарност за искрената поддршка што Турција безрезервно и во континуитет ја манифестира кон Македонија, изразувајќи надеж дека таа ќе продолжи и во иднина, при што како главна насока била потенцирана можноста за интезивирање на економската соработка и промоција на македонските продукти на турскиот пазар. Заедничка била констатацијата дека трговската размена, која во моментов изнесува околу 400 милиони долари, е потребно и натаму да се зголемува со проекција наскоро да достигне и бројка од една милијарда долари.

Министерот Давутоглу нагласил Турција ќе продолжи да ја поддржува евроатлантската интеграција на Македонија во НАТО и на претстојниот Самит на Алијансата во Чикаго.

По средбата, двајцата министри го потпишаа на Договорот меѓу Република Македонија и Република Турција за условите за патување на државјаните на двете земји.

За време на средбата со претседателот на Големото народно собрание на  Турција, Џемил Чичек, биле реафирмирани традиционално добрите односи помеѓу двете држави.

Претседателот на турското Собрание го истакнал значењето на развојот и продлабочувањето на парламентарната соработка. Чичек искажал силна подршка за што поскорешно зачленување на Република Македонија во НАТО.

Министерот Попоски нагласил дека постои и интерес и простор за натамошно динамизирање и продлабочување на соработката и во областа на културата, образованието и економијата, посочувајќи дека Република Македонија има посебен интерес за соработка на економски план. 

При посетата на Мавзолејот Аниткабир во Анкара, министерот Попоски се запиша во Книгата на впечатоци и положи венец пред спомен обележјето на Кемал Ататурк.